Најчевска до Маричиќ за изјавата во Трилинг: Не е добро што доаѓа европската мисија да врши мониторинг врз Судскиот совет

Иако вицепремиерот Бојан Маричиќ во вечерашното издание на Трилинг порачува дека е добра порака, професорката по право, Мирјана Најчевска, рече дека не е добро што ЕУ праќа оценувачка мисија за мониторинг на Судскиот совет оти тоа зборува лошо за нас.

„Не бре, дете, не е добро што доаѓа европската мисија да врши мониторинг врз Судскиот совет. Тоа значи дека сме недоветни, неспособни, шутрачиња, кои некој треба да ги мава по уши за да не си ги јадат мрсулите“ – напиша Најчевска.

Премиерот Ковачевски рече дека Судскиот совет е тело што само се избира, само се оценува и самото дава анализа што направило.

„Од првиот ден кога станав премиер, сметав дека такви системи честопати знаат да имаат подруга слика за себеси од тоа што има јавноста, на која ѝ служат. И, затоа, добро е што во рамките на соработката, што ја имаме со ЕУ, сега ќе може да организираат процес на една таква мисија за да ги проверат сите информации во врска со функционирањето на Судскиот совет и потоа да ги споделат и со Европската комисија и со нашите политички актери, кои немаат субординација врз судството, и врз основа на тоа да бидат предложени соодветни реформи, што ќе ја унапредат работата на правосудните органи во државата“ – рече Ковачевски.