Најновиот македонски филм премиерно прикажан во Венеција

Во рамките на 79-тото издание на Филмскиот фестивал во Венеција, се одржа премиерата на новиот македонски филм „Најсреќниот човек на светот“.

Режисерката Теона Стругар Митевска и дел од екипата на филмскиот проект присуствуваа на прикажувањето на филмот во шармантниот италијански град.

„Интересот за филмот е голем, продадени се сите карти за проекциите, Венеција е посебен и најстар филмски фестивал и огромна е честа да бидеме тука“ – изјавија пред премиерата од продукцијата.

„Распадот на Југославија промени сè за нас, раните од војната во БиХ се и наши рани и затоа иако сум Македонка, се решив да раскажам приказна која се случува во Сараево“, изјави режисерката и косценаристка Теона Стругар Митевска.

Во главните улоги се Јелена Кордиќ Курет и Аднан Омеровиќ, во споредна улога Лабина Митевска, потоа Ана Костовска и Николина Кујача, како и Фирдауз Неби, Џевдет Јашари и Зорица Нушева од Македонија во низа епизодни улоги заедно со Ксенија Маринковиќ од Хрватска, Изудин Бајровиќ, Ирма Алимановиќ, Ведрана Божиновиќ, Мона Муратовиќ, Синиша Видовиќ, Кемал Ризвановиќ од БиХ.

Филмот се снимаше пет недели во Скопје и една недела во Сараево, истиот е копродукција помеѓу Македонија, Словенија, Хрватска, Белгија, БиХ и Данска. Развојот и продукцијата е поддржана од Агенцијата за филм, Creative Europe – MEDIA, Еуримаж, Данскиот филмски институт, Belgium Tax Shelter, Хрватскиот аудиовизуелен центар и Филмскиот фонд од Сараево.