Најмногу поплаки до народниот правобранител лани за проблемот со пасошите

Најголемиот број поднесени претставки до Народниот правобранител минатата година (408 или 15,08 проценти) биле од областа на граѓанските состојби, каде се констатирани најголем број повреди, особено со издавањето на пасошите што беше проблем за македонските граѓани во првата половина на 2024 година.

Најголемиот број поднесени претставки до Народниот правобранител минатата година (408 или 15,08 проценти) биле од областа на граѓанските состојби, каде се констатирани најголем број повреди, особено со издавањето на пасошите што беше проблем за македонските граѓани во првата половина на 2024 година.

-Овој проблем засегаше илјадници граѓани кои масовно поднесуваа претставки по различен основ – неможност да закажат термин за фотографирање, бавна изработака и одобрување на патните исправи, пролонгирана испорака на веќе изготвените документи и слично. Неможноста да се добие патна исправа беше причина за прекршување на низа права – слобода на движење, стручно усовршување, здравствена заштита надвор од земјата, учество на спортски и други меѓународни настани, рече народниот правобранител Насер Зибери денеска на прес-конференција на која го презентираше Годишниот извештај за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2024 година.

Граѓаните во 2024 се жалеле со претставки и за повреда на права од работните односи, како и од областа на урбанизам и градба, а кај потрошувачките права најизразен бил проблемот со високи фактури за потрошена електрична енергија.

Зибери истакна дека во областа на животната средина „се бележи значаен исчекор“ – и во однос на бројот на поднесените претставки, и во разноликоста на подобластите за постапување на Народниот правобранител.

-Граѓаните почнаа да поднесуваат претставки за сите сфери на животната средина, а не само за бучавата, пракса позната низ годините. Така добивме претставкии за загадувањето на воздухот, водата, но и за почвата. Народниот правобранител формира предмет по сопствена иницијатива, пред сѐ, за загадувањето на воздухот во 15 општини чии градови се на врвот на листата најзагадени градови во Европа и во светот. Од добиените одговори произлезе дека сите општини преземаат мерки за справување со загадениот воздух иако реалноста тоа не го потврдува. Затоа, оваа 2025 година, во соработка со невладините организации, со кои потпишавме меморандум, повторно ќе работиме на оваа тема, истакна Зибери на прес-конференцијата.

Народниот правобранител лани добивал голем број претставки и од граѓани кои станале, како што рече, „жртви на правните лавиринти и правна нејаснотија“ откако Собранието ги изгласа измените на законите за облигациони односи и за извршување, а судовите и извршителите одбиле нив да ги спроведат во  пракса.

-Сметам дека извршителите мораат доследно да ги применуваат законските одредби кои се однесуваат на висината на каматата и дозволената висина на одземање на средства на граѓаните (една третина односно една петина од плата или пензија), како и на делот кој се однесува на изземањето од извршување, рече Зибери.

Правобранителот апелираше надлежните институции во најкраток можен рок со соодветен закон „да ја пополнат правната празнина која ја создаде судот со укинување на одредбите од неколку закони и подзаконски акти, кои се однесуваа на вработувањата на немнозинските задници или познатиот балансер“.

-Во еден систем во кој една од темелните вредности на уставниот поредок е принципот на соодветна и правична застапеност, не смее да има празнина по однос на истите. Најитно мора да се донесе најавеното законско решение со помош на кое ќе се создадат предуслови во институциите да се вработуваат припадници од сите заедници кои живеат во Република Северна Македонија, рече Зибери.

Во обемниот извештај за прекршени права во 2024-та, се евидентирани и поплаки поради проблем со уписите во матичната евиденција и повторно појава на т.н. фантоми т.е. лица без матичен број и можност за лични документи.

-И покрај законските измени, по се изгледа дека има простор за унапредување во овој дел, затоа што и оваа 2025 година евидентираме претставки, а тоа укажува дека ако не се води сметка, многу брзо ние повторно ќе добиеме голема бројка на лица кои ќе бидат без матичен број, укажа народниот правобранител.

Како што рече, „по кој знае кој пат“ ја повторува констатацијата за нехумани услови во затворите кои се пренатрупани со осуденици, кои спијат „на смени“ и по ходници, живеат во хигиена на „многу ниско ниво“ и без здравствена заштита затоа што нема медицински кадар ниту психијатри, како ни доволно затворски чувари.  Сето тоа, посочи Зибери, доведува до нивни меѓусебни пресметки што ги става во ризик и вработените.

Процесот на ресоцијализација тапка во место, додаде Зибери, исто како и правото на образование. притоа посочи дека штитениците од ВПД „Тетово“  со години се оставени без образование. Укажа и дека и покрај донесените соодветни законски измени во овој ВПД да се создадат предуслови за сместување и на женските штитенички, тие и понатаму, рече, остануваат сместени во една несоодветна просторија во затворот „Идризово“.

„Никакви позитивни поместувања“, истакна правобранителот, нема во водењето постапки пред управните судови иако со новиот Закон за управни спорови „беше најавено сосема спротивното“. Не е надминат ниту проблемот со комуникацијата, односно доставувањето на предметите и списите помеѓу судовите и со  органите на државната управа.

-Во судството генерално можам да кажам дека дури имаме и уназадување и за пример ќе го земам Апелациониот суд во Штип, кој не е во состојба да ги почитува роковите за одлучување по жалби, од причина што нема доволен број на судии. Овој суд, до март 2024 година, имал само четири од потребните 16 судии, од кои само еден судија во граѓанскиот оддел. Поради тоа, во овој суд подолг временски период не било можно да се формира граѓански совет кој би одлучувал по жалбите. Сето ова довело во овој суд да има енормен број на заостанати предмети, околу 2000 само од претходните години, рече Зибери.

Според него, управните судови треба да донесуваат мериторни одлуки, „односно пресуди во полна јурисдикција, а само во исклучителни случаи предметите да ги враќаат на повторно постапување пред органите на државната управа“.

-Дополнително, да се измени Законот за управните спорови, во насока на тоа, судот да не може да носи одлуки без списите на предметот бидејќи таквиот начин на работење исклучиво е на штета на граѓаните, додаде Зибери.

На прес-конференцијата тој посочи и на други повреди на правата на граѓаните за што имало претставки минатата година – неможноста на граѓани што работеле во Италија да остварат право на пензија зашто не е ратификуван билатералниот договор за пензиско и социјално осигурување, поплаки дека лани во некои старечки домови во државата им било ускратено правото за време на изборите да гласаат во установата, неможноста на децата со попречености во средно образование да имаат образовни асистент затоа што не беше донесен Законот за средно образование, како и ускатеноста на учениците со оштетен слух да следат содветна настава во специјализираното училиште „Партенија Зографски“ бидејќи голем број наставници не го знаат знаковниот јазик.

Во однос на правата на детето, Зибери го истакна проблемот со децата на улица кои питачат и се надвор од образовниот систем и апелираше „државата да изнајде системско решение овие деца да се заштитат и да се тргнат од улиците“.

Во извештајната 2024 година, Омбудсманот постапувал по 3148 претставки, од кои 443 предмети биле пренесени од претходната година.  Од вкупно 2705 претставки заведени во 2024 година, во најголем број претставки (1006 или 37,19 отсто) граѓаните се жалеле на повреда на нивните права од страна на јавните служби и установи, 859 претставки (или 31,76 отсто) се однесувале на повреда на правата од централната власт, 276 претставки  – на повреда на правата од локалната власт, 185  – на повреда на правата од правните лица, во 102 претставки граѓаните се пожалиле на повреда на правата, како од централната, така и од локалната власт, а во 114 претставки подносителите се жалеле на повреда на правата од други субјекти.

Обемниот и детален Годишен извештај за почитувањето и остварувањето на загарантираните права на граѓаните во 2024-та, Народниот правобранител го доставил во Собранието на 27 март.