Најмладиот милионер во денари во земјава има само 9 години, највозрасниот има 97

Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска денеска на прес конференција информираше дека најмладиот милионер во денари во земјава има 9 години, додека пак највозрасниот има 97 години.

„Најмладиот милионер во земјава има 9 години со еден милион денари од закупнина, додека највозрасниот има 97 години и лани остварил доход од 1,2 милиони денари, по однос на пензија и доход од извршена работа“, додаде Лукаревска.

Лукаревска посочува дека најмладиот милионер се стекнал по основ на наследство и оттаму ги влече приходите.

Жител на Скопје минатата година остварил и пријавил 446 милиони денари годишен бруто доход. Највисока годишна бруто плата во 2022 година исплатена е на граѓанин од Скопје во дејноста трговија на големо со производи од тутун и изнесува 144 милиони денари, покажуваат податоците што ги објави денеска на прес-конференција Управата за јавни приходи.

Како што информира директорката на УЈП Сања Лукаревска, највисокото лично примање по основ на извршена работа го пријавил граѓанин од Скопје и изнесува 280,6 милиони денари на годишно ниво, а доходот е остварен во странство. На врвот на листата за исплата на највисок доход од самостојно вршење дејност повторно се скопјани, а највисокиот износ е 61,9 милиони денари.

Во 10- топ рангирани на листата се наоѓаат адвокати, нотари, угостители, одгледувачи на жито и мешункасти растенија и од дејноста производство на анбалажи од хартија. Највисокиот доход од продажба на земјоделски производи е во износ од 18,9 милиони денари, а ја остварил жител на Скопје.