Најмалку 29 мигранти се повредени во сообраќајна несреќа во близина на Марвинци

Кавадаречката итна медицинска помош била повикана да интервенира и да прифати дел од повредените, исто како и неготинската, пренесува МИА. Сообраќајка се случила вечерва на патот Удово-Гевгелија, според првичните информации, повредени се мигранти.

„Добивме повик за повредени поголем број на мигранти, 29 лица. Наводно, биле сместени во камион, околу педесетина биле, такви ни се првичните информации”, потврдиле од Брзата помош во Кавадарци.
Покрај итна помош од Кавадарци, цела екипа со санитетско возило биле испратени и од Брза помош Неготино, а службата била на готовс и ако треба дополнително да интервенира.

Од МВР потврдиле дека вечерва во 18:10 било пријавено дека товарно возило излетало од патот на клучката од с.Марвинци кон М1, рег.пат Гевгелија – Д.Капија.

„Утврдено е дека се работи за товарно возило сканија со приколка со скопски таблици. Возачот се дал во бегство, а на лице место се пронајдени мигранти. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. Ова е првично. Утре ќе има официјални податоци”, велат од МВР.