Најмалку 19 загинати во руски напади врз централниот дел на Украина

Најмалку 19 лица, меѓу кои три деца, загинаа рано утринава во руски воздушни напади во централниот дел на Украина, соопштија властите во Киев.

Речиси сите загинати, од кои 17, загинаа кога две ракети погодија деветкатна станбена зграда во градот Уман, 215 километри јужно од Киев, соопштија украинските власти.

Украинските власти соопштија дека Русија рано утринава истрелала повеќе од 20 крстаречки ракети, од кои некои биле насочени кон Киев. Тоа е прв руски ракетен напад врз Киев по речиси два месеци, но засега нема потврда дека е погодена некоја цел, наведува Асошиејтед прес.

Според градските власти во Киев, украинските воздухопловни сили пресретнале 11 крстосувачки ракети и два беспилотни летала над главниот град на Украина.

Украинската полиција соопшти дека се ранети 17 лица, дека од урнатините се извлечени три деца и дека девет лица се хоспитализирани.

Руските напади утринава не беа блиску до борбените зони во источна Украина, која беше центар на војната во последните месеци.

За време на 14-те месеци од руската инвазија, Москва често изведуваше ракетни напади со долг дострел, неселективно гаѓајќи ги цивилните области. Украинските власти и аналитичари тврдат дека ваквите удари се дел од стратегијата на Кремљ за заплашување.

Министерството за одбрана на Русија соопшти дека синоќешните напади со крстаречки ракети со долг дострел биле насочени кон локации каде престојувале резервните единици на украинската армија пред да бидат испратени на фронтот.

„Нападот ја постигна својата цел. Сите назначени објекти беа погодени“, рече портпаролот на руското Министерство за одбрана Игор Конашенков, без да спомене дека биле погодени некои конкретни области или станбени згради.

Не долго откако Москва ги започна нападите, руското Министерство за одбрана објави на Телеграм фотографија од лансирањето на ракетата, со коментар: „Точно на целта“.

Таа порака предизвика интензивни протести на Украинците на социјалните мрежи, а некои украински функционери ја оценија како радост за жртвите, наведува АП.

Нападите се случија неколку дена откако украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека имал „долг и значаен“ телефонски разговор со кинескиот лидер Си Џинпинг и дека соговорникот му рекол дека Пекинг ќе испрати мировен пратеник во Украина и во други земји.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба изјави дека денешните бомбашки напади покажале дека Кремљ не е заинтересиран за мировен договор.