Најмалку 182 лица загинаа, а 727 се ранети во денешните израелски воздушни напади врз јужен Либан, соопшти Министерството за здравство на земјата, а пренесе Аксиос.
Бранот напади доаѓа во време на зголемени тензии што може да доведе до сеопфатна војна меѓу Израел и Хезболах.
Ова беа најраспространетите и најсмртоносните напади што ги започнаа израелските одбранбени сили во Либан од војната меѓу Израел и милитантната група во 2006 година.
ИД соопшти дека цел на нападите биле ракети скриени во цивилни домови во јужен Либан.
Според Аксиос, иако не е јасно колку милитанти на Хезболах има меѓу убиените, нападите во шиитските села во јужен Либан, каде што е базата за поддршка на групата, најверојатно ќе доведат до дополнителна ескалација. Американските власти го предупредија Израел дека предизвикувањето масовни цивилни жртви на либанската страна ќе го охрабри Хезболах да ги засили своите напади.
Нападите се случија еден ден откако Хезболах истрела ракети со среден дострел врз израелскиот град Хаифа како одговор на серијата смртоносни израелски напади минатата недела. Израел соопшти дека најмалку 10 цивили биле ранети, но повеќето од ракетите биле пресретнати.
Утрово ИД ги повика цивилите во јужен Либан да се оддалечат од домовите каде Хезболах има поставено оружје.
Израелската војска соопшти дека испратила СМС пораки и им телефонирала на илјадници либански цивили да евакуираат одредени области во нивните села, наводно во близина на складишта за оружје и ракетни локации на Хезболах во домовите на цивилите.
ИД тврдеше дека утрово погодила 300 цели врз основа на разузнавачки информации кои покажаа дека Хезболах планира да ги користи овие проектили за непосреден напад.