Најмалку шест земји на ЕУ до сега се изјаснија против предлогот на ЕК за штедење гас

Во средата Европската Комисија (ЕК) на маса стави предлог кој има за цел да ги присили земјите членки да ја намалат потрошувачката на гас за 15 отсто, пет земји веќе се изјаснија против.

Унгарија порача дека е категорично против предлогот на Комисијата, а Полска, Шпанија, Грција, Кипар и Португалија во последните денови рекоа дека нема да го прифатат планот.

Европската Комисија предложи нова регулатива за штедење на гас која треба да ги натера, прво доброволно, потоа и на сила, земјите на ЕУ да ја намалат домашната потрошувачка за 15 отсто до идната пролет. Целта е осамостојување од рускиот гас.

Предлогот на ЕК ќе биде предмет на дебата идната недела на Советот на министри за енергија на ЕУ, а потоа треба да биде усвоен со квалификувано мнозинство, односно 15 земји членки кои застапуваат најмалку 65 отсто од вкупното население на ЕУ.

Со најавите на најмалку шест земји членки, меѓу нив речиси сите главни земји од југот, и Полска, станува извесно дека овој предлог тешко ќе помине.

Грција го критикуваше предлогот на Комисијата поради недостигот на претходни консултации со земјите членки, иако претседателката Урсула фон дер Лајен, увери дека сите биле консултирани. Во ЕУ се смета дека овој предлог и оди во корист главно на Германија. Берлин се наоѓа во тешка ситуација со гасот поради укинувањето на проектот Северен Тек 2, а предлогот на Европската Комисија налага солидарност и споделување на гасот меѓу земјите членки.

Португалија преку својот министер за енергија исто така порача дека “целосно е против“ предлогот, а Унгарија најави дека нема нималку гас да дозволи да излезе од унгарските граници.

Прашањето е сега како ќе се одвиваат преговорите помеѓу министрите на ЕУ идната недела и дали Комисијата ќе предложи некакви измени во предлогот. Она што се чини најголем проблем во овој текст за сите земји членки е моќта која и се дава на Европската Комисија насилно да наметне намалување на потрошувачката на гас.