Најмалку три фирми во трката за набавка на гас за скопските топлани и за Те-То

Државната компанија ЕСМ утре треба да ги објави имињата на компаниите кои се јавија на јавниот оглас за набавка на природен гас. Првичните информации се дека до петокот пристигнале понуди од две странски компании – едната од Бугарија и од компанијата Пегео со седиште во Швајцарија, како и од домашната „Макпетрол“. Но, од ЕСМ оставија уште неколку денови како дополнителен простор за што повеќе понуди на тендерот.

Според информациите, на тендерот ќе учествува и една од компаниите кои ги предложи опозицискиот лидер Христијан Мицкоски. Доколку некоја од понудите е прифатлива за ЕСМ, договорот со фирмата за набавка на гас би се потпишал во текот на оваа недела.

Гасот кој државната ЕСМ треба да го набави ќе биде искористен исклучиво за производство на топлинска енергија. ЕСМ бара нешто над 250 милиони кубни метри за двете топлани Исток и Запад, но и за да се стави во функција и ТЕ-ТО.

Во случај да нема ниту една прифатлива понуда за гас, топланите ќе работат на дизел гориво или на мазут. Од ЕСМ најавија дека се прават сите подготовки топланите да може веднаш да почнат да работат и на дизел, кој би се набавил на јавен повик или, пак, во краен случај би се активирале државните резерви.

Инаку, се трошат последните количини на гас кои беа набавени пред почетокот на грејната сезона, а се доволни до крајот на месецов.

Во насока на редовно снабдување со природен гас, од Србија викендов стигна добра вест. Српската Влада ја измени Одлуката за привремена забрана за извоз и достава на природен гас, со што гасот сепак ќе може да се извезува во Македонија.

Премиерот Димитар Ковачевски и се заблагодари на својата српска колешка Ана Брнабиќ, поради измената на Одлуката со која Србија ја иззема земјава од забраната за извоз на природен гас.

– Ветив дека ќе направиме сè и дека ќе работиме секојдневно за никој да не мора сам да се справува со оваа криза. Струја, енергенси и храна, мора да има за сите. Токму затоа, по интензивна комуникација со колешката Брнабиќ, официјален Белград реши да ја изземе Северна Македонија од забраната за извоз на природен гас – истакна Ковачевски.