Најмалку пет претседателски кандидати на повидок, ДУИ ќе оди со своја понуда пред гласачите

Повеќе е од извесно е дека на претстојните претседателски избори граѓаните ќе бираат меѓу најмалку петмина кандидати, иако до пред десетина дена речиси сите беа убедени дека битката ќе се води меѓу тројца, најмногу четворица кандидати. Стратегиите на партиите и коалициите претрпеа сериозни измени откако во четвртокот Арбен Таравари соопшти дека ја прифаќа понудата на албанската опозиција и коалиција и ќе се кандидира за претседател.

Иако првично ја отфрли оваа идеја, сепак на крајот Таравари попушти и ѝ фрли око на „Вила Водно“ а покрај кандидатурата го однесе и своето крило од партијата „Алијанса за Албанците“ во коалицијата „Вреди“ заедно со „Демократско движење“ на Изет Меџити, „Беса“ на Биљал Касами и „Алтернатива“ на Африм Гаши како и поддршката на косовскиот премиер Аљбин Курти преку неговиот советник Беким Ќоку.

За многумина кандидатурата на Таравари беше очекувана а експертите се едногласни дека ова најмногу ги погоди СДСМ и ДУИ чиј план беше да настапат заеднички, со заеднички кандидат, консензуален кандидат и со силна меѓусебна поддршка во двата круга избори. Затоа сега двете партии забрзано работат на „планот Б“

„Кандидатурата на Арбен Таравари веќе го промени текот на двете изборни кампањи. Првиот ефект што го предизвика е ДУИ да оди со свој кандидат, а со тоа практично ја растури или „олабави“ коалицијата со СДСМ за парламентарните избори или такнаречениот „Европски Фронт“, смета аналитичарот Бесим Небиу.

Али Ахмети беше меѓу објавите на Артан Груби на социјалните мрежи што за експертите е очекувано но сепак сметаат дека е „пробен балон“. Шефот на дипломатијата е далеку подобар избор со кој би можело да се парира на албанската опозиција на претседателските избори.

„Во услови кога ДУИ нема свој кандидат, кандидатот на албанската опозиција е единствен кандидат Албанец и ќе се соочат со одлевање на гласови. Али Ахмети е долго време на македонската политичка сцена, искусен е и не би влегов во ризик да загуби. Тоа би бил голем удар за неговата аура. Единствена логика да се кандидира е ако договорил поддршка од СДСМ, но мислам дека тоа нема да се случи. Типувам на Бујар Османи. Тој е популарен, не е оптоварен со приказни за корупција како други министри од ДУИ и може да смета на мал број македонски гласови. Како и да е, поддршката меѓу СДСМ и ДУИ за вториот круг е договорена и ќе ја има“, вели аналитичарот Петар Арсовски.

Доколку не е Ахмети кандидатот секако ќе биде од првиот партиски ешалон бидејќи бројките од првиот круг претседателски избори се клучни за резултатот на парламентарните избори.

„ДУИ ќе сака да излезе со свој кандидата и директно да му парира на Таравари. Голем број на гласови за Таравари во првиот круг на претседателските избори може да има домино ефект и да влијае на парламентарните две недели подоцна. ДУИ ќе сака да ги спречи таквиот развој на настаните со свој кандидат за претседател. Во секој случај ДУИ мора да излезе со кандидат од своите високи ешалони за да му парира директно на Таравари на што е можно повисоко ниво. Секако дека има можност тоа да биде Ахмети“, вели Небиу.

Со оглед дека ДУИ е притисната и мора да излезе сама на изборите истото важи и за СДСМ кои сега барем во првиот круг се оставени сами на себе и на бројката на гласачи.

„Секако дека СДСМ ќе оди со свој кандидат за претседателските избори. Дали ќе биде актуелниот претседател Пендаровски не знам. Иако има сериозен осип на гласовите, тој не е толкав за кандидатот на СДСМ да не влезе во вториот круг. Кога станува збор за претседателските избори сигурен е само првиот круг, во вториот круг веќе сите карти се на маса и тогаш почнуваат преговорите и комбинаториките. Мислам дека СДСМ сега прави стратегија за да ги заштити своите гласачи“, вели аналитичарот Петар Арсовски.

По извесен период овие избори ќе бидат етнички обоени во поглед на гласањето.

„Во овој турнус на претседателските избори гласачите се враќаат во своите „етнички трла“, но морам да нагласам дека не станува збор за ксенофобија туку за фрустрација“, објаснува Арсовски.

Кандидатурата на Таравари ќе изнуди кандидати од СДСМ и ДУИ наместо заеднички а тоа дополнително ќе им ја отежне работата за парламентарните избори. На гласачите ќе мора да се најде начин да им се објасни зошто коалицијата, таканаречениот „Европски фронт“ важи само за парламентарните но не и претседателските избори.

„Тешко ќе биде да направат наратив за европски фронт ако одат со свои претседателски кандидат. Мислам дека и на граѓаните ќе им биде тешко да разберат постоење на таков европски фронт за едни избори но не и за други“, недвосмислен е аналитичарот Бесим Небиу.

Според Арсовски математички СДСМ може да добие некој пратеник повеќе но политичката ситуација е таква што тоа не може да се очекува.

„По донтовиот модел СДСМ ќе добие до три пратеници плус доколку го состави „Европскиот фронт“. СДСМ ќе изгуби гласови од Димитриевски и ЗНАМ поради анимозитет кон ДУИ но ДУИ и крилото на Алијанса на Села ќе им донесат повеќе гласови отколку што би изгубиле“, вели Арсовски.

Први кои официјално го објавија својот кандидат беше партијата „Левица“ која застана за универзитетската професорка Билјана Ванковска. ВМРО – ДПМНЕ најави дека претседателскиот кандидат ќе го избере на Конвенција на 2 март а огласот го распиша пред речиси десетина дена. Неофицијално, засега како можни кандидати се споменуваат универзитетските професори Гордана Силјановска и Александар Спасеновски.