Најмалку петмина загинати во Лвов во новиот руски воздушен напад врз Украина

Русија ги ракетираше Лвов и Киев ден по најсмртоносниот воздушен напад врз Украина оваа година, во кој во Полтава загинаа 51 лице.

Најмалку петмина луѓе загинаа, а повеќе од 30 се ранети во воздушен напад врз Лвов, изјави регионалниот гувернер Максим Козисцки. Градоначалникот Андриј Садови кажа дека неколку станбени згради се во пламен и уништени се историски згради во срцето на градот. Меѓу загинатите се и две деца на возраст од девет и 14 години.

„Оштетени се повеќе од 50 објекти“, кажа Садови.

Експлозии се слушнаа и во Киев, додека противвоздушната одбрана се обидувала да ги собори руските проектили. Украинската војска кажа дека во целата земја се огласени сирените за тревога.

Соседната Полска третпат за осум дена крена авиони за да го заштити својот воздушен простор среде руски напад, соопшти генералштабот на полската војска.