
Најдолговечниот политичар на Балканот се уште се мисли дали ќе се кандидира за нов мандат
Претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ изјави дека сè уште не донел одлука дали ќе се кандидира на претседателските избори на 19 март. Тој во интервју за Дојче Веле рече дека одлуката ќе ја соопшти во следните неколку дена.
– Во политичкиот живот на Црна Гора сум 30 години. Претпоставувам дека некој што ја работи истата работа три децении има право да се чувствува уморен и има право да расудува дека можеби би било подобро за општеството да има нов кандидат, изјави Ѓукановиќ во Минхен, на Конференцијата за безбедност.
На прашањето што би ги советувал Белград и Приштина за продолжување на дијалогот, Ѓукановиќ рече дека нема друг пат до договор.
– Сите други идеи, како одржување на замрзнат конфликт, всушност се функција на доктрината на уништување кон Европа и кон Западен Балкан како европски регион, смета Ѓукановиќ.