Најголемите поплави во последните децении во Русија, евакуации и во Казахстан

Русија соопшти дека ситуацијата е „многу напната“ бидејќи нивото на водата продолжи да расте во градот Оренбург и околните области.

„Големи количества вода пристигнуваат во нови региони“, предупреди портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Нивото на водата во реката Урал во близина на Оренбург се искачи на повеќе од 10 метри, јави новинската агенција Риа, многу над точката на прекин.

Рускиот град Оренбург се подготвува за големи поплави поради надојдените реки во регионите што граничат со соседен Казахстан.

Сезонските поплави, поголеми од вообичаеното, предизвикани од топењето на снегот од планините Урал, доведоа до евакуација на голем број луѓе од целиот регион Оренбург.

Покрај тоа, реката Урал, третата најдолга во Европа, во текот на викендот ја проби браната во блискиот град Орск.

Во Оренбург, град со 500.000 жители, на околу 1.500 километри од Москва, водата се очекува да достигне рекордно ниво.

Повеќе од 10.000 домови се под вода, соопшти Министерството за вонредни состојби, од кое предвидуваат натамошно „покачување на температурата, активно топење на снегот и надојување на реките“.

„Апсолутно сите што се наоѓаат во зоната на поплавите мора да ги напуштат своите домови“, рече Сергеј Салмин, градоначалник на Оренбург.

Нафтена рафинерија во градот Орск, 1.800 километри југоисточно од Москва, ја прекина работата поради поплавите.

Кремљ предупреди дека нивото на водата во некои области се зголемува побрзо од кога било во последните 100 години.

Регионите Курган и Тјумен, источно од планините Урал, исто така прогласија вонредна состојба и ги повикаа луѓето да ја напуштат поплавената рамнина.

Претседателот Владимир Путин побара од владата да формира комисија за решавање на вонредната состојба, соопшти неговиот кабинет.

Во Орск, најтешко погодениот град досега, жителите протестираа, а на снимките на социјалните мрежи може да се видат околу 100 луѓе кои скандираат: „Срамота!“ и „Путин, помогни“.

Десетици илјади луѓе беа евакуирани и од 10 региони во соседен Казахстан, соопштија властите во текот на викендот.

Оттаму додаваат дека спасувачите успеале да пренесат околу 60.000 домашни животни во безбедни подрачја.

Претседателот на Казахстан Касим-Јомарт Токаев ги нарече поплавите најголема природна катастрофа во земјата во последните 80 години.

Токаев во телевизиско обраќање рече дека Владата се обидува да ги ублажи последиците од поплавите и дека ќе им биде укажана сета потребна помош за загрозените.