Најголемата пратеничка група во ЕП е против повлекување на автомобилите со мотори со внатрешно согорување до 2035 година

Европската народна партија (ЕПП), најголемата парламентарна група во новото свикување на Европскиот парламент, најави дека ќе се обиде да ја загрози одлуката за повлекување на автомобилите со внатрешно согорување од ЕУ од 2035 година, според нацрт-политичките приоритети на оваа политичка група.

На изборите за Европскиот парламент минатиот месец, ЕПП освои 188 од вкупно 720 места во ЕП, повеќе од која било друга политичка група, со што го зацврсти своето влијание во Парламентот на ЕУ, наведува Ројтерс.

На состанокот во Португалија одржан оваа недела, пратениците од оваа група разговараа за политичките приоритети за наредното петгодишно свикување на Европскиот парламент.

Нацртот на тие приоритети, кој го виде Ројтерс, вклучува цел „да се ревидираат правилата за намалување на CO2 за новите автомобили и комбиња за да се овозможи употреба на алтернативни горива со нулта емисија по 2035 година“.

Минатата година ЕУ усвои политика со која ќе се забрани продажбата на нови автомобили кои испуштаат CO2 од 2035 година, што треба да стави крај на продажбата на нови возила со бензински и дизел мотори со внатрешно согорување.

Европската комисија се обврза да обезбеди законски услови за продажба на нови автомобили кои работат само на „е-горива“, синтетички горива што ќе можат да се користат во автомобили со мотори со внатрешно согорување, по 2035 година.

Ова би можело да им овозможи на производителите на автомобили да развиваат и да продолжат да продаваат нов тип на автомобили со мотори со внатрешно согорување кои работат само на сертифицирани горива со неутрален CO2 и се опремени со технологија која не дозволува употреба на бензин или дизел.

ЕПП не прецизираше на кои начини сака да ја промени политиката на ЕУ за автомобилите со мотори со внатрешно согорување.