Нашиот пат кон Европа е јасен, нови барања од Бугарија не се дозволени, вели Пендаровски

Нашиот пат кон Европа е јасен. Станува збор за преговарачката рамка која ја усвоиме минатата година. Во таа смисла, нови барања од Бугарија не се дозволени, изјави денеска претседателот Стево Пендаровски, прашан како ги коментира изјавите на претседателот на Бугарија, Румен Радев поврзани со уставните измени.

Пендаровски рече дека за време на неговата посета на Подгорица оствариле куса средба со Радев, на која не разговарале за оваа тема, но во однос на неговата изјава посочи дека станува збор за „рециклажа на старата бугарска приказна“.

-Токму денеска ЕУ прославува 30 години од носењето на Копенхашките критериуми, кои се главниот сет на критериуми според кои се влегува во ЕУ. Така што, мислам дека Бугарија е последната држава членка на ЕУ која нам може да ни држи предавања за тоа кои се и што се, и што претставуваат копенхашките критериуми, имајќи во предвид дека Бугарија е држава членка на Советот на Европа која има најмалку почитување на одлуките на Европскиот суд за човекови права. Ние многу добро ги знаеме копенхашките критериуми и тврдам дека Македонија е најподготвениот кандидат во историјата на ЕУ, која во моментот започнува преговори, додаде Пендаровски пред почетокот на конференцијата „Крсте Мисирков и македонскиот јазик – извор на научни истражувања“ во одговор на прашање.