Нашата решеност да ја поддржиме Украина останува непоколеблива, рече Османи од министерскиот состанок на НАТО

Ова е историски министерски состанок на НАТО, не само затоа што НАТО ја слави својата 75-годишнина, туку и затоа што преку поздравување на Шведска, го зајакнуваме нашето единство и одбранбени капацитети како сојуз од 32 члена, соопшти денеска МНР Бујар Османи од Брисел.

„Нашиот фокус е ставен на прашањата што ќе ги обликуваат клучните резултати за претстојниот Самит во Вашингтон овој јули. Клучна агенда е да се изгради на нашата колективна посветеност за споделување на товарот, при што Северна Македонија ќе служи како пример, преку постигнување на целта на Самитот во Велс. Нашата цел не е само да ги задржиме, туку и да ги зголемиме нашите одбранбени инвестиции на 2,15% од БДП до 2025 година.

Нашата решеност да ја поддржиме Украина останува непоколеблива. Нашето единство и решителност се нашите сили во залагањето за значителна помош за Украина, соочувајќи се со предизвиците што ги носи руската агресија. Се разбира, овие предизвици имаат пошироки импликации, при што Украина е само еден дел од руските империјалистички амбиции, кои се закануваат на Молдавија, Грузија и на Западен Балкан. Ова бара синхронизиран напор меѓу НАТО и ЕУ, нагласувајќи ја итноста од забрзана европска и евроатлантска интеграција за одржување на нашата колективна безбедност“, истакна тој.