
За девет полициски службеници е покрената постапка бидејќи помогнале дискотеката „Пулс“ да добие активна лиценца, а немала исполнета основни услови.
Ова го соопшти министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски на денешната прес конференција. Меѓу нив има главен инспектор за сообраќајни работи при СВР Штип и самостоен инспектор кои констатирале дека дискотеката „Пулс“ ги исполнила законски услови во делот на заштита на јавен ред и мир.
Третиот и четвртиот осомничен како началници на Одделението за полиција во СВР Штип и началник на СВР Штип одобриле и потпишале известување до Министерството за економија во кое констатирале дека ноќниот клуб ги исполнува законските услови.
Лицата во моментов се носат пред надлежен судија во рамки на претходна постапка. Досега во притвор се 18 лица.
-Ова се лицата кои што потпишале, овозможиле и допринеле да се случи ужасната трагедија со изготвување на незаконски документи. Со потпишување документи одобрувајќи позитивна согласност, му овозможиле кабарето да добие дозвола за работа иако не исполнува услови. Осомничените предизвикале значителна опасност за делата и луѓето овозможувајќи му на кабарето да работи во супстандарни услови. Констатирале дека кабарето ги исполнува условите за заштита на јавен ред и мир и за сообраќај. Одобриле и потпишале известување до Министертството за економија во кое констатирале дека кабарето ги исполнува законските услови и покрај тоа што не извршиле проверка. Изработиле телеграма во која не навеле точни и целосни податоци дека во близина на кабарето имало пријави за нарушен ред и мир, рече Тошковски.
Тој исто така информираше дека досега вкупно 26 лица се поврзани со трагедијата во „Пулс“, но и дека со нив не се затвора списокот на осомничени. Истрагата ќе потрае и понатаму.
Тој изјави дека лажната лиценца издадена на дискотеката „Пулс“ не е еденствена и дека има најмалку уште една.