Началник од МВР: Таткото на Вања од почетокот ни беше чуден, исечен бил кабелот на камера која снимала директно во влезот
Началник од МВР денеска сведочеше на судењето за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Тој го имал првиот контакт со родителите на девојчето, кога веќе постоеле индиции дека Вања е киднапирана.
Началник од МВР денеска сведочеше на судењето за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Тој го имал првиот контакт со родителите на девојчето, кога веќе постоеле индиции дека Вања е киднапирана. Рече дека таткото, Александар Ѓорчевски, на него и на колегите им бил чуден.
-Мајката беше поприбрана и сталожена, а однесувањето на таткото на почетокот ни беше чудно. Беше конфузен, беше потиштен, при многуте изјави што го прашувавме, рече Музафер Каришиќ, кој во времето на убиството бил помошник началник на СВР Скопје за криминалистички работи.
Тогаш почнала потрагата, односно сведокот барал со таткото и роднина на семејството Ѓорчевски.
-Мајката кажа дека има стан во Капиштец, но нема клучеви, дека се кај таткото. Бараше да се оди, да се прави претрага, но тој рече дека веќе бил таму и нема зошто да се оди. Јас инсистирав и отидовме. Влеговме во гаражата и се качивме со лифт. Го отвори станот. Побаравме да не има некое писмо, но за цело време таткото велеше дека ќерката е киднапирана, дека е убиена, рече Каришиќ.
Потоа потрагата продолжила кон паркот во Капиштец.
-По пат цело време велеше, џабе одиме, џабе тука бараме, ама ајде ќе одиме. Остана во возилото, запали цигара и не излезе. Тогаш се запрашавме зошто не излегува од возилото како татко да бара. Го прашав зошто не излезе, повторно имаше конфузија, и пак рече, таа е киднапирана, таа е убиена, џабе тука бараме, посочи началникот.
Биле и до Средно Водно и истото се случило и таму. Таткото останал во возилото.
-Повторно со роднината коментиравме зошто не излегува од возилото, рече началникот.
Тој појасни дека го прашал Александар зошто така мисли, дека девојчето е киднапирано, дали должи некому, дали има некои проблеми, закани, но тој негирал. И мајката кажала дека поранешниот сопруг е специфичен, тешко и било да го објасни.
Исечен бил кабелот на камера која снимала директно во влезот каде била киднапирана Вања
„Александар ми пушташе слики, видео снимки. Беше упорен во тоа дека девојчето е киднапирано и убиено. Ми се јави Александар бараше средба со мене, итно да се видиме. Откако е киднапирано девојчето рече дека постојано е во станот кај Зорица, таму спиел. Дојде со некој кој се претстави како Гоце. Околу 40 годни имаше. Разговорот ни траеше 10тина минути, мислев дека има нешто да нѝ каже. Гоце повеќе зборуваше отколку Александар. Таткото пак тезата ја водеше кон мафијашки групи, криминали, дека бараат пари, и дека е убиена. Кога прашав кој е Гоце? Ми рече дека е пријател, старо кумство. Ми рече дека откако дознал нон стоп биле заедно, барале снимки. Се интересираше што имаме ние како МВР, тогаш не ми дадоа никаква информација“, рече полицаецот Музафер Каришиќ.
На прашањето на обвинителот какви пораки ви праќаа Александар и Гоце, Каришиќ со одговор:
„Беа слики и некои снимки од камери кои и ние веќе ги имавме. Снимки д околни фирми, згради, објекти… Како ги прибавиле, не знам. Се сеќавам на една. Александар ми ја испрати од спроти влезот на зградата каде што е киднапирана Вања, има камера која гледа како директно во влезот. Тоа беше нешто поспецифично од Алекдандар. Отидовме и ние во тој објект, контактиравме со газдата, тој ни рече дека друго лице е одговорно за системите за камери и ни даде број од него. Ние контактиравме се договоривме со него да одиме, кога отидовме видовме дека нема струја. По еден круг околку објектот, кој беше како приколка, видовме дека кабелот од камерата беше исечен“, вели Каришиќ.
Пријател на таткото на Вања ја имаше снимката од возилото на Панче, но тогаш ги немавме поврзано случаите
„Таткото повеќе се интересираше, што ние имаме, отколку да помогне во истрагата. Од страна на Гоце ми беа испратени многу пораки и снимки. Една би издвоил. Гоце ми испрати слика и снимка од возило на бензиска пупма во Велес, ние тогаш не знаевме за какво возило се работи. Тогаш не нѝ беше јасно бидејќи не беа поврзани случаите. Подоцна сфативме дека на сликата беше Панче со уште едно лице во возилото. Подоцна ние аналзииравме од каде им е таа снимка на Гоце, но не кажаа од каде им е“, изјави Карашиќ пред Судот и додаде:
„Тогаш имавме само информација дека е исчезнат пензионерот, немавме никаква поврзаност“, вели Каришиќ.
Тој рече дека Гоце не дал појаснување од каде им е снимката, и дека имал роднина кој работел на бензинска пумпа.
„Не даде Гоце појасување од каде им е снимката и од каде ги знае тие моменти. Рече дека има братучед кој работи на бензинска пумпа, но ништо повеќе не кажа“.
Кешишев ни рече копајте таму кај Перниците и кога се видоа веѓата, носот и едната нога на девојчето, престанавме да копаме
Сведочењето за убиствата на Вања и Панче продолжи со прашања за обвинетиот Влатко Кешишев.
„Кога отидов во просторијата кај Влатко Кешишев, кого колегите го привеле, а тој не сакал ништо да им каже за исчезнувањето на Вања, тој сакаше насамо да ми покажел нешто. Замоли да не знае Палчо, оти ќе го убиел. Седнавме во кола, не однесе директно кај запаленото возило ‘цитроен’. Тоа беа тие моменти кога понатаму сакаше нешто да каже, па да не каже. Тоа се случуваше во Бразда. Сепак рече, ајде ќе ве однесам. Седнавме, возевме по едно патче по негова насока. Не, не можам да кажам, рече. По едно време се премисли: ‘Ајде’. Го прашав: ‘Каде?’ Не знаев што. Во еден момент рече: ‘Таму, кај перниците’. Почнавме да копаме”, сведочеше началникот.
Потоа Кешишев пак му се обратил.
„Ќе ти кажам нешто, тука има некој”, му рекол Кешишев.
„Кој има тука?, го прашал Калишиќ.
„Копавме кај што покажа Кешишев. Кога се виде носот, веѓата и едната нога на девојчето, престанавме”, тивко кажа сведокот.
На прашање на обвинителката, сведокот појасни дека Кешишев кажал оти Палчо ја убил.
„Тука ја донесовме јас, Палчо и уште еден. Ја земаа и тука ја фрлија”, му кажал Кешишов на сведокот.
Тој го повикал пак и му кажал: „Знаеш ли кој беше во цитроенот? Убиениот Панче”.
„Имаше чувство на вина, велеше лош сум. Потоа ни кажа каде се фрлени лопатите”, кажа сведокот.
Велибор ни кажа дека Палевски пукал со пиштол во тилот на Панче, сведочеше ексначалникот на СВР Велес
Поранешениот началник на СВР Велес, Ристе Самарџиев, а сега вработен во полициската станица, денеска сведочеше на рочиштето за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Тој одговараше на прашања на Обвинителството првенствено за исчезнувањето на велешанецот Жежовски.
Појасни дека телефонот на Панче веднаш го лоцирале, односно не бил исклучен и зрачел во близина на бензиската пумпа кај Велес.
-Сепак беше пронајден по два – три дена, бидејќи беше непристапен терен. Прво се косеше и се расчистуваше теренот, изјави Самарџиски.
Тој истакна дека деновите се прегледувале многу снимки, од патарини, граници, објекти, а потоа ги побарале и снимките од Сејф сити.
-Кога ги гледав сликите на Сејф сити помисливме дека можеби е жив, зошто поради лошиот квалитет на снимките, стар е системот, имаше човек во зелена јакна, а таков беше и описот на Панче.
Колегите од Скопје не известија дека возилот е најдено опожарено. Тогаш помисливме дека лицето е ликвидирано. Инаку, парче од мобилниот телофон од девојчето Вања беше пронајдено во возилото на Панче, рече сведокот.
Тој го координирал приведувањето на Велибор Манев.
-Откако го уапсивме Велибор Манев, јас бев на неговото распрашување. Велибор ми го посочи местото на настанот.
Велибор кажа дека се виновници. Кажа каде е местото каде што е закопана Вања. Потоа ни кажа и за Панче. Тој кажуваше каде да се движиме и каде е закопан Панче. Тоа место нема шанса да го најдете доколку не ви го покаже некој. Кажа дека биле заедно сите четворица, а дека Палевски пука во него. Дупката беше 3 метра. Викнавме пожарна да ни помогне да го извадиме телото, дупката беше прилично голема, рече сведокот кој додаде дека била пронајдена и една чаура до дупката.
На првото одржано рочиште обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни.
Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп.
Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска.