Началник на МВР: Главниот осомничен не кажува каде е телото на Данка Илиќ

Началникот на Управата за криминалистичка полиција Нинослав Цмолиќ изјави дека денеска повторно ќе се пребаруваат повеќе локации за да се најде телото на двегодишното дете Данка Илиќ и дека нема да застанат додека не успеат.

– Повторно ќе ги пребараме нивните куќи и околината, септички јами, гробишта. Осомничените ја признаа вината и детално ги опишаа своите улоги, но главниот осомничен не кажува каде го скрил телото, наведувајќи дека не се сеќава и нема да зборува, изјави Цмолиќ за ТВ Прва, додавајќи дека признанијата на осомничените за тоа што се случи, а кои се сослушани одделно, целосно се поклопуваат.

Осомничените за убиството на детето во околината на Бор вчера биле сослушани, појасни Цмолиќ, но не изнеле нови информации, туку го повториле она што веќе го кажаа претходно, дека со автомобилот ја удриле малата Данка, застанале кај депонија, го оставиле нејзиното тело, подоцна дошол сопатникот и го пренел телото на друго место.

– Нивните изјави се дека го удриле детето, дека сопатникот излегол од возилото, го подигнал детето од подот, го ставил во задниот дел од автомобилот и по неколку метри повторно застанале бидејќи девојчето наводно се разбудило, излегол од автомобилот, го отворил задниот дел и го задушил. Тоа се нивните изјави. Потоа отишле на депонија, го изнеле телото и го оставиле таму, изјави Цмолиќ.

– Двајцата разговарале за тоа по неколку дена, возачот го прашал каде е телото, но вториот му рекол „тоа е моја грижа, направив што требаше“, рече Цмолиќ, објаснувајќи дека дури и возачот не знае каде е тоа место.

Цмолиќ кажа дека двајцата осомничени многу брзо имале полиграфско тестирање, но дека биле под дејство на алкохол поради што имале задоцнети реакции, па не можеле веднаш да бидат приведени, бидејќи немало доволно други индиции.

Откриени се, објаснил Цмолиќ, бидејќи автомобилот што го возеле, со уште една кола, бил единствениот што се задржал на местото каде што малата Данка е удрена со автомобил, а тоа се случило многу брзо откако детето се одалечило од мајката.