Нацрт на завршната изјава на Г20 – остра осуда за рускиот напад врз Украина

Шефовите на држави и влади на групата Г20 би можеле остро да ја осудат Русија за нејзиниот напад врз Украина. Се чини дека Г20 ќе стави до знаење дека оваа војна не е прифатлива, вели германскиот канцелар Олаф Шолц.

Во предлогот на завршната изјава, која на увид ја доби агенцијата Ројтерс, се предлага остра критика:

„Мнозинството членови најостро ја осудија војната во Украина и истакнаа дека таа предизвика огромно човечко страдање и ги влоши постојните слаби точки на светската економија“,
се вели во текстот, кој би требало да биде прифатен утре на состанокот на претседателите на државите и владите на 20-те најразвиени индустриски земји и земји на прагот на индустријализација.

Покрај тоа, најразвиените индустриски земји треба да се посветат на целта за ограничување на затоплувањето на земјината атмосфера на 1,5 степени, како и за слободната трговија во светот, пренесува Дојче веле.

Дводневната конференција под претседателство на Индонезија, која се одржува на индонезискиот остров Бали, остана во сенка на руската агресија врз Украина која започна на 24 февруари годинава. Германскиот канцелар Олаф Шолц уште пред самитот изјави дека за војната мора да се разговара на состанокот на групата Г20. Тој досега учествуваше во две рунди разговори и извести дека постојано се разговарало за руската војна во Украина.

„Се чини дека групата Г20 ќе стави до знаење дека оваа војна не е прифатлива. Покрај тоа, Г20 има намера да испрати јасна порака дека употребата на нуклеарно оружје не доаѓа предвид. Се чини дека има консензус за тоа“, рече Шолц и додаде дека тоа е голем напредок, бидејќи на почетокот на руската војна во Украина тоа не можеше да се очекува.

Олаф Шолц нагласи и дека е задоволен од досегашниот тек на средбата, „и покрај загрижувачките околности“ поради војната во Украина.

На средбата учествуваат и американскиот претседател Џозеф Бајден и кинескиот претседател Си Ѓинпинг, кои претходно се сретнаа одделно и разговараа три часа.