
Новата Стратегија за образование која ќе обезбеди континуитет на започнатите реформи, се очекува да биде готова во декември, а на неа повеќе чинители работат интензивно од мај годинава.
– Образованието е скапа работа. Но, вредноста на квалитетот е поголема од било кој цена и затоа Владата на Македонија останува фокусирана на сите промени што мора да се случат до конечната цел, затоа што друга алтернатива за нас не постои – рече министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на работилницата што МОН ја организираше со повеќе други институции и партнерски домашни и меѓународни организации со кои ја изработува новата Стратегија за образование 2026-2032.
Таа појасни дека започнале реформски процеси во сите образовни сегменти, одеднаш и паралелно, бидејќи застојот беше очигледен.
– Тоа ни го потврдуваат ПИСА и ТИМСС, Шангајската ранг-листа, извештаите на Европската комисија и други релевантни анализи. Но, веќе година и половина, со силен ентузијазам, спроведуваме програмски определби кои ги даваат првите резултати, а за целосна ефективност мора да постои континуитет. Тој континуитет ќе биде обезбеден со новата Стратегија за образование“, рече Јаневска.

Изрази благодарност до сите што учествуваат во изработката на стратешкиот документ и рече дека до крајот на месецот има можност некој аспект да биде надополнет или подобрен со идеја што, како што рече, ќе дојде од некој што досега не бил дел од процесот на изработка.
– Стратегијата треба да ја подигне инклузивноста, дигиталната и медиумската писменост, грижата за менталното и физичкото здравје на младите, да ја засили поддршката за наставниците и да го поттикне развојот на нивните компетенции за современа настава според глобалните образовни стандарди. По усвојувањето следува потешкиот дел – имплементација и мерење на постигнувањата. Затоа, енергијата што досега ја имавме треба да ја задржиме на исто ниво, а Владата ќе се погрижи да ги обезбеди сите потребни ресурси за спроведување на предвидените мерки, проекти и активности – рече Јаневска.

На денешната работилница за изработка на Стратегијата за образование 2026-2032 учествуваа и претставници на УНИЦЕФ, УНДП; Светската банка, ГИЗ, академската и научна фела, како и претставници на бизнис заедницата.
Претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Лесли Милер, посочи дека новата стратегија е можност да се обликува она што е следно, „но не само како еден убав документ, туку и во училниците, заедниците и во животот на децата“.
-Премногу ученици го напуштаат училиштето без основните компетенции што им се потребни за да успеат. Немаат вештини во математика, способност да читаат, анализираат и да го разбираат материјалот – тие се основните темели за доживотно учење. Без овие вештини децата се мачат и немаат напредок. Стратегијата за образование треба да биде смела и да гледа кон иднината, да ги применува новите технологии и вештачката интелигенција, но мора да се даде приоритет на основното учење. Не смееме да изгубиме од вид и дека децата што се обесправени поради сиромаштија, попреченост, етничка припадност и натаму се соочуваат со пречки во учењето и за нив е потребна насочена активност, да имаме јасни и мерливи цели, тоа треба да биде клучна компонента на која било стратегија. Ова значи одредување на цели кои се амбициозни, но остварливи. Да се утврди отчетност и системи за мерење на напредокот, истакна Милер.
И директорот на Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ) Давид Оберхубер укажа дека е многу важно стратегијата што ќе се усвои да биде применета и да не биде документ што ќе заврши во фиока.
-Сега сакаме да биде поинаку и гледам дека е поинаку – и од посветеноста на министерката, од тоа како се одвиваше самиот процес и од желбата на сите партнери, и затоа сме вклучени. Треба да се земат предвид мислењата на различни засегнати страни, на тој начин се создава долгорочен кредибилитет за стратегијата. И кога ќе дојде нова влада и ќе ја преземе стратегијата, можеби малку ќе ја преобликува, но основите ќе треба да останат исти – рече Оберхубер.
Додаде дека 2032 година е долг период во кој ќе има инвестиции за остварување на целите од документот. Притоа кажа дека како претставник на Германија, стручното образование за нив е меѓу најважните области и оти германската KFW банка и Германската стопанска комора „беа големи донатори за развој на стручното образование во државата“.
Ана Чернишова, заменик на постојан претставник на УНДП, рече дека стратегијата не е само политички документ туку „јасен патоказ за тоа како образованието треба да доведе до напредок и до остварување на милениумската развојна цел бр. 4“.
-За да се постигне таа цел, потребно е образовниот систем да се усогласи со барањата на 21 век во кој ChatGPT го менува светот. Потребни се нови професии за кои треба да размислуваме при изготвување на стратегијата зашто целиот образовен систем треба да го опслужува пазарот на трудот, а не обратно. Треба да се има предвид визијата за иднината – дигиталната транформција, вештачката интелигенција и зелената транзиција ќе претставуваат водечки сили во секое општество во светот, посочи Чернишова.
Бојана Нацева, претставничката на Светска банка, исто така укажа на потребата да се одговори на барањата на новото време и да се креираат продуктивни работни места за кои се смета дека најмногу ќе доведат до намалување на сиромаштијата и ќе го зголемат просперитетот на луѓето.
-Никој од нас овде не ја гледа стратегијата за образование како технички документ, туку таа е рамка што ќе ја постави насоката во која сакаме да се движи нашето образование во следната деценија. За мене она што ја прави значајна и посебна оваа стреатегија е нејзината сеопфатност и начинот на кој се изработува – низ длабоко партиципативен процес, со активно учество на сите засегнати страни, а само со таков пристап може да создадеме стратегија која е реална, применлива и заснована на потребите на самата заедница, истакна Нацева.