Националната гарда на Вашингтон останува распоредена до крајот на ноември

Истовремено, канцеларијата на јавниот обвинител на Вашингтон поднесе тужба против администрацијата на Трамп за распоредувањето на гардистите. Обвинителот Брајан Швалб оцени дека администрацијата „погази суштински принцип на американската демократија – дека војската не треба да се користи за внатрешно полициско дејствување“.

Командантот на Националната гарда на Вашингтон ја продолжи мисијата за распоредување во главниот град до 30 ноември, објави Гардата на социјалните мрежи.

Наредбата се однесува само на припадниците на Националната гарда на Вашингтон, кои беа ангажирани минатиот месец за засилување на безбедноста. Не се однесува на гардистите испратени од други сојузни држави.

– Ја донесов одлуката да го продолжам распоредувањето, бидејќи продолжуваме да работиме на тоа сите што чекорат низ улиците на овој град да бидат безбедни, изјави бригадниот генерал Лиланд Д. Бланчард Втори, вршител на должност командант на Националната гарда на Вашингтон, во видео-порака објавена на „Фејсбук“.

Белата куќа не ја потврди официјално одлуката, но претставник изјави дека „претседателот (Доналд) Трамп е посветен на долгорочната безбедност и сигурност на Вашингтон, за неговите жители и посетители“.

Истовремено, канцеларијата на јавниот обвинител на Вашингтон поднесе тужба против администрацијата на Трамп за распоредувањето на гардистите. Обвинителот Брајан Швалб оцени дека администрацијата „погази суштински принцип на американската демократија – дека војската не треба да се користи за внатрешно полициско дејствување“.

Федерален судија во вторникот пресуди дека одлуката на претседателот од јуни да распореди гардисти и маринци во Лос Анџелес го прекршила Законот за „Posse Comitatus“ од XIX век, кој го ограничува користењето на војската за домашни цели. Белата куќа ја обжали одлуката.

Националната гарда е распоредена во Вашингтон од 11 август, како дел од акцијата на Трамп за борба против криминалот, која може да се прошири и во други градови. Администрацијата тврди дека стапката на криминал се намалила откако федералните служби ја презедоа контролата, вклучувајќи ја и Метрополитен полицијата. Трамп најави дека би можел да испрати федерални сили и во Њу Орлеанс, Чикаго и Сан Франциско.

Неколку сојузни држави веќе испратија гардисти во Вашингтон, меѓу кои и Џорџија и Јужна Дакота со помали контингенти, најмногу за односи со јавноста.