
Националната алијанса за интеграција бара од Меџити оставка од функциите вицепремиер и министер
„Ако навистина сака да му служи на Чаир, нека излезе пред граѓаните само како кандидат, без власта во џеб и без државни ресурси, ставени во служба на неговата кампања. Чаир нема потреба од кандидат што се крие зад Владата“, порача Наим Бајрами од Алијанса за Албанците, дел од НАИ.
Иако Изет Меџити како актуелен заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање ја објави својата кандидатура за градоначалник на Општина Чаир, не поднесе оставка од двете високи државни функции што ги извршува. Ова денеска на прес-конференција го соопшти Наим Бајрами од Алијанса за Албанците, дел од „Национална алијанса за интеграција“ (НАИ), посочувајќи дека тоа претставува навреда за граѓаните, институциите, но и повреда на принципите на политичка еднаквост.
Според него, „Националната алијанса за интеграција“ бара итна оставка на Меџити од двете владини функции.
„Ако навистина сака да му служи на Чаир, нека излезе пред граѓаните само како кандидат, без власта во џеб и без државни ресурси, ставени во служба на неговата кампања. Чаир нема потреба од кандидат што се крие зад Владата“, вели Бајрами.
Упати неколку прашања во насока зошто Меџити не сака да поднесе оставка од двете владини функции.
„Дали се плаши од пораз на изборите на 19 октомври. Зарем не верува во силата на гласот на граѓаните на Чаир, или се решил да си остави план ‘Б‘, односно ако изгуби, да продолжи да си седи во фотелјата вицепремиер и министер“, праша тој.
Му порача на Меџити да избере што ќе биде, или министер или кандидат за градоначалник, оти двете не одат заедно.
Секое одложување и оправдување на Меџити, додаде дека е доказ за неговиот страв од изборниот резултат.