Националистички испади на спортски натпревари: Гаши не слушнал, Мицкоски не разбрал

Интересно е што врвните политички фигури присутни на едниот или на другиот натпревар, иако на „местото на настанот“, сепак таму ниту слушнале ниту виделе недолично однесување и националистички скандирања, туку отпосле разбрале. Што би се рекло, спокојно си ги проследиле натпреварите. 

Уште не стивна атмосферата од инцидентот на кошаркарскиот натпревар во Куманово меѓу Северна Македонија и Романија, каде можеа да се слушнат навредливи и ксенофобични пораки како „Добар Албанец е мртов Албанец“, „Гасна комора за Албанците“ и „Чиста Македонија“,  се случи нов изблик на националистички скандирања. Овојпат во Скопје, за време на фудбалскиот меч меѓу Шкендија и Карабах, каде навивачите на Шкендија скандираа за „Голема Албанија“, „Илирида“.  

Интересно е што врвните политички фигури присутни на едниот или на другиот натпревар, иако на „местото на настанот“, сепак таму ниту слушнале ниту виделе недолично однесување и националистички скандирања, туку отпосле разбрале. Што би се рекло, спокојно си ги проследиле натпреварите. 

На кошаркаскиот натпревар во Куманово – на 2 август, во публиката беа премиерот Христијан Мицкоски, заменик претседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, градоначалникот на Куманово и лидер на ЗНАМ, Максим Димитриевски, како и други високи државни и партиски претставници  

Натпреварот на трибините на Арената „Тодор Проевески“ во Скопје – на 5 август, го следеа вицепремиерот Изет Меџити, претседателот на Собранието Африм Гаши, министерот за економија Бесар Дурмиши, но и опозиционерите Али Ахмети и Арбен Таравари. 

Премиерот Мицкоски не го забележал скандирањето за време на кошаркарскиот натпревар во Куманово, но го осуди:

Во текот на вчерашниот ден домаќинот, а тоа беше кошаркарската федерација исто така и Општина Куманово го осудија скандирањето и ксенофобичните испади на неколкумина во салата, искрен да бидам додека бев таму, воопшто и не го забележав тоа, бидејќи стануваше збор за мала група на луѓе. Но, исто така еве би сакал да ја искористам оваа прилика да се приклучам кон осудата на национализмот и ксенофобијата, најпрвин на таа што се случи за време на кошаркарскиот натпревар помеѓу Македонија и Романија, а потоа и да упатам порака до сите навивачки групи да навиваат спортски, да го бодрат својот тим и националниот тим на Македонија. Тоа е она коешто оваа Влада го поддржува, а сето останато ќе биде предмет на истрага и предмет на санкции, без разлика од која страна доаѓа. 

Уште еднаш да повторам апсолутно го осудувам ксенофобичното и националистичко скандирање на неколкумина коишто не наидоа на поддршка од страна на ниту еден од присутните во салата. 

Претседателот на парламентот Гаши, пак, чија функција е втора по важност во државата (по претседателската), вечерта по фудбалскиот натпревар во објава на својот Фејсбук профил им честиташе на навивачите, оценувајќи дека биле достоинствен пример за националните вредности: 

Особено им честитам на навивачите, кои беа подеднакво достоинствен пример за нашите национални вредности, внатре и надвор од стадионот. Со самодоверба и оптимизам го очекуваме резултатот од реваншот, убедени дека Шкендија ќе се бори до крај. 

А во средата (06 август) тој за ТВ Телма изјави дека не го слушнал скандирањето, иако освен од навивачката група „Балисти“, иредентистичките пароли биле извикувани и од другиот дел од публиката. Гаши притоа вели дека доколку имало нешто такво, го осудува како што го осуди скандирањето во Куманово.

За инцидентите во Куманово и во Скопје имаше остри реакции од  Хелсиншкиот комитет за човекови права. Во врска со националистичките испади на натпреварот во Куманово од Хелсиншки комитет сметаат дека е загрижувачки тоа што ниту еден од високите функционери, за време на натпреварот не реагирал по повод навредливите скандирања.

Политичарите не смеат да останат индиферентни и на тој начин да го нормализираат говорот на омраза, затоа што така придонесуваат за потхранување на атмосферата на поделби, тензии и дестабилизација. Хелсиншкиот комитет во континуитет го следи и реагира на говорот на омраза, кој е еден од главните фактори кои водат до злосторства од омраза. Притоа, етничката припадност години наназад доминира како најчеста основа за говорот и делата од омраза, а најбројни извршители и жртви се младите луѓесе вели во соопштението.

Во реакцијата на Хелсиншки комитет за националистичките скандирања на фудбалскиот натпревар во Скопје, се забележува на отсуството на соодветна реакција од страна на спикерот Гаши:

Посебно дискутабилна е изјавата на претседателот на Собранието, кој од една страна вели дека не ги слушнал повиците додека бил присутен на натпреварот, а од друга страна јавно им честитал на навивачите нарекувајќи ги „достоинствен пример за националните вредности“. Овие контрадикторни ставови испраќаат опасна порака за толеранција на говорот на омраза и политичко навивање на спортски терени. Осудата на говорот на ораза од страна на политичарите е еден од клучните фактори против ширењето на оваа појава бидејќи говорот на омраза произведува уште повеќе говор на омраза, а има потенцијал да предизвика и злосторства од омраза.

Претседателката Гордана Силјановска-Давкова преку својата Фејсбук-страница реагираше за двата натпревара.

Во објавата насловена како „Ненаучена лекција“, таа повикува на заедничка и бескомпромисна борба против ваквите инциденти; 

Вчерашните сцени од меѓународниот натпревар Шкендија – Карабах беа реприза на кумановската трагична приказна.

Хипокризија и цинизам е селективното реагирање на неспортскиот вандализам.

Само со заедничка доследна и бескомпромисна битка со шовинистичките изблици, без оглед чии се, ќе градиме здраво општество.

Претходно, таа ги осуди и скандирањата на кошаркарскиот натпревар меѓу С. Македонија и Романија во Куманово, посочувајќи дека спортскиот терен не смее да се злоупотребува за говор на омраза. 

Срамот падна на сите: на домаќинот, на клубот, на присутните, на градот, на државата, на спортот! Логичниот заклучок беше: „Не смее да се толерира ваквото однесување на ниту еден стадион, во ниту еден спорт, никогаш и никаде.

Неспортски е да се злоупотребува спортскиот терен за „вежбање“ говор на омраза, навредување и сатанизација со отровни убиствени зборови – проектили! 

Иако за инцидентот во Куманово имаше реакции од албанските политичари, за тој во Скопје досега нема. 

За двата настана постапуваат од Обвинителството и полицијата. Истрага за ксенофобичното скандирање најавија и од Меѓународната кошаркарска федерација ФИБА. 

Наивно е да се верува дека овие инциденти се случајни, немаат политичка заднина и не се поврзани со предкампањата за претстојните локални избори. Впрочем не е првпат спортските трибини да се злоупотребуваат за политички провокации и подбуцнувања со националистички пораки. 

Извор: Вистиномер