Наунов по првата пресуда за Пулс: За 63 загубени животи давате условни казни, системот си ги штити своите

Откако судот изрече условни казни за злоупотреба на службената должност поврзани со трагедијата во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, реагираа семејствата на жртвите. Александар Наунов од Кочани, преку силно и емотивно обраќање до јавноста и институциите, остро го критикува правосудниот систем, обвинувајќи дека наместо правда, се штитат функционерите.

Откако судот изрече условни казни за злоупотреба на службената должност поврзани со трагедијата во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, реагираа семејствата на жртвите. Александар Наунов од Кочани, преку силно и емотивно обраќање до јавноста и институциите, остро го критикува правосудниот систем, обвинувајќи дека наместо правда, се штитат функционерите.

Во реакцијата, Наунов укажува на сериозен јаз меѓу законската рамка и судската пракса. Иако за злоупотреба на службената должност се предвидува затворска казна до 10 години, според него, одговорноста во конкретниот случај е сведена на минимум. Пресудата ја оценува како „техничко затворање на случајот“, потенцирајќи дека станува збор за систем кој со години „не гледал и не слушал“, што на крај резултирало со трагедија што го зави градот во црно.

Тој смета дека ваквиот исход не е случаен, туку претставува свесно намалување на вината со цел да се избегне вистинска одговорност. Според него, системот не се соочува со сопствените пропусти, туку се штити самиот себе, што, како што наведува, не може да се нарече правда.

Наунов изразува и сомнежи за водењето на постапката, посочувајќи на можни институционални маневри, како менување на обвинители во последен момент, прераспределување на предмети за да се разводни одговорноста, како и молк од Јавното обвинителство. Според него, ваквите постапки дополнително ја поткопуваат и онака ниската доверба во судството.

Во најемотивниот дел од обраќањето, тој директно се обраќа до судијката, поставувајќи прашања за смислата на законите и одговорноста за донесените одлуки, кога зад нив стојат изгубени човечки животи. Потсетува дека додека некои ги имаат своите деца покрај себе, семејствата на жртвите живеат со трајна загуба.

На крајот, Наунов порачува дека борбата на семејствата нема да запре. Вели дека нивното трпение е исцрпено и дека правдата ќе ја бараат пред сите надлежни институции и пред јавноста, нагласувајќи дека нема да молчат и дека одговорноста за оваа пресуда ќе остане запаметена.