Натпреварот Алкалоид – АЕК нема да се одигра

Не смееле ни да излезат на терен, биле со солзи – АЕК клекна пред навивачки ултиматум.

Реваншот Алкалоид – АЕК во ЕХФ Европскиот куп нема да се одигра, откако грчкиот тим одлучи да не истрча на теренот во СЦ „Борис Трајковски“.

Се чека реакција на надлежните од ЕХФ за големиот скандал предизвикан од гостите во СЦ „Борис Трајковски“.

Ракометарите на АЕК одбија да го почнат натпреварот со Алкалоид додека нивните навивачи не дојдат во салата. На официјалното претставување пред реваншот од ЕХФ Европскиот куп, играчите на грчкиот тим беа до теренот, но не истрчаа, бидејќи ги немаше нивните навивачи.

Наводно на македонско-грчката граница биле пуштени само 200 навивачи, а исто толку биле вратен назад.

АЕК бара одложување на реваншот.

Спортскиот портал „Еноси“, што е специјализиран за вести поврзани со екипите на АЕК во сите спортови, нешто помалку од еден час пред натпреварот, објави дека неколку автобуси со навивачи на АЕК се задржани на граничниот премин и не им е дозволен влез и дека „раководството на АЕК, на состанок со ЕХФ, јасно стави до знаење дека тимот нема да излезе на терен, ако на навивачите не им биде дозволено да ја преминат границата.

Инаку претставникот на Алкалоид, Зоран Цветановски, за МРТВ откри детали од драмата зад кулисите. Според него, уште од утринскиот технички состанок постоеле јасни сигнали дека може да настане проблем поради бројот на дозволени грчки навивачи – ограничени на 200 лица поради безбедносни проценки и одлука на МВР. Дел од навивачите на АЕК сепак допатувале во Скопје, без да имаат билети, и поставиле ултиматум до сопствениот клуб.

„Имавме сигнали во текот на денот, бидејќи тие разговори траеја од 10 часот кога беше техничкиот состанок, кога треба да се договир сѐ, како ќе тече протоколот. Нашиот клуб и МВР донесоа одлука, по сѐ што се случува во државата, бројот на влезници за гостите да биде 200. Дел од навивачите на АЕК допатуваа во Скопје, дел не. И тука настана проблем. Дадоа ултиматум на претставниците на АЕК дека ќе трпат последици, ако се појават на теренот. Управата на АЕК затоа не им дозовли да се појават. Ракометарите на АЕК имаа и солзи на очите, но не смееја против одлуката на управата“, рече Зоран Цветановски, претставник на „Алкалоид“ за МРТВ.

Натпреварот требаше да почне во 20:30 часот.

На првиот меч минатата недела во Атина, Алкалоид победи со 29:25.