Наставникот Иле Михајловски, од основно училиште од Свети Николе, влезе во финалето на најдобрите 50 наставници од целиот свет кои се во конкуренција за глобалната награда за наставници.
-Во над 5000 номинации од 89 земји од целиот свет каде те оценуваат еминентни судии и каде се оценува чесниот труд и постигања, не очекував дека ќе бидам дел од ТОП 50 финалисти наставници од светската мапа. Скромноста во мене останува иста, но радост ми е што токму на таа светска мапа, таму некаде трепка Македонија, трепка нашето Свети Николе и моето матично ООУ „Свети Кирил и Методиј“ каде работам 29 години, вели Михајливски.
Тој порачува дека и понатаму е истиот, кој чесно ќе си ја работи својата работа и ќе биде тука за децата секогаш и безрезервно.
-Знам дека се што досега сработив било и ќе биде за децата. И тоа не само за децата од моето училиште, за децата од нашето Свети Николе, туку за децата од наша Македонија. Како и до сега, и понатаму ќе помагам и ќе влевам надеж колку можам кај децата без родители, самохрани родители, децата со посебни потреби, оти тоа сум јас, оти и јас сум една од тие приказни која е денес она што е. Научив дека јас сум моливот, јас сум тој што ја пишува својата приказна, не само како наставник, туку и како човек, и без разлика колку гуми ќе се обидат да избришат од сработеното, тука сум за да продолжам да ја пишувам мојата приказна.
Од срце им благодарам на сите мои ученици од сите генерации кои го извадија најдоброто од мене, на оние малку кои ми беа поддршка и ветер во грб и за номинација и за пополнувањето на самата апликација.
Наставниците се ВАЖНИ, тие се оние кои создаваат ИДНИНА!, напиша наставникот, споделувајќи ја убавата вест.
Глобалната награда за наставници за образование GEMS е иницијатива на Фондацијата Varkey организирана во соработка со УНЕСКО.