На социјалните мрежи кружат видеа кои го покажуваат напаѓач кој денеска со нож избоде наставник и повреди неколку други лица во средно училиште во градот Арас во северна Франција.
На снимката, која е направена во училишниот двор, се гледа како помлад маж мавта со нож во рацете додека се расправа со постар човек. Во прашање е наставник кој напаѓачот подоцна го убил. Како што сведочат самите ученици за локалните медиуми, наставник се обиде да го спречи напаѓачот да влезе во училиштето.
Францускиот весник „Фигаро“ наведува дека напаѓачот упаднал во училиштето вооружен со нож извикувајќи Алаху Акбар, а потоа го избодел наставниот.
„Наставникот се обиде да го смири и да не заштити. Ни рече да излеземе, но не разбравме. Истрчавме, а некои се вратија горе“, рекол еден од учениците, додека други тврдат дека напаѓачот имал два ножа.
На друго видео се гледа како напаѓачот се расправа и трча низ дворот со неколку лица за кои се верува дека се вработени во училиштето. Еден од нив во еден момент зема столче во обид да се одбрани од напаѓачот, но тој го соборува на земја и го клоца.
Полицијата веднаш го уапсила напаѓачот, како и неговиот брат. Според „Фигаро“ и двајцата се по потекло од Чеченија.