
Македонија се соочува со значителни демографски промени, со намалување од 18% на детската популација од 2011 до 2023 година и ниска стапка на наталитет од 1,5, што укажува на опаѓачка популација. Ова беше истакнато во најновата анализа на УНИЦЕФ. Дополнително, се наведува дека смртноста е намалена од 5,2 на 1000 живородени деца во 2016 на 1,8 во 2023 година, а смртноста кај деца под пет години е намалена на 2,7 на 1000 живородени во 2023 – сепак, што е сепак под просекот во регионот и ЕУ.
„Стапката на наталитет во 2022 беше релативно ниска, околу 1,5 деца по жена, што е под нивото потребно за одржување на популацијата, проценета на 2,1 за земјите во развој. Ова резултира со намалување на популацијата. Миграциските трендови покажуваат иселување, особено кај младите од 20 до 39 години, поттикнато од економски можности и повисок животен стандард во странство“, рече Силвија Киаручи, УНИЦЕФ.
Ромските деца живеат во најтешки услови и се дискриминирани речиси во сите области – се нагласува во анализата. Тоа го потврдуваат и од Антикорупциската комисија, каде се примени десетици претставки за неможност за усвојување на детални урбанистички планови што ги засегаат овие заедници.
Анализата исто така укажува дека квалитетот на образованието останува главна грижа, бидејќи националните и меѓународни проценки покажуваат пад на резултатите, особено по основни предмети. Учениците од Македонија постигнуваат резултати под просекот во математика, читање и науки на меѓународниот тест PISA. Само 34% од учениците го достигнале најниското ниво 2 во математика 26% во читање и 35% во науки.