Народна банка: Девизниот курс на денарот е стабилен
Народната банка информира – девизниот курс на денарот е стабилен и нема промени во неговото ниво.
„Во објавите се прави забуна помеѓу курсната листа за вршење на платен промет со странство за потребите на државните органи, со средниот курс кој е релевантен податок за вредноста на валутите. Средниот курс на еврото според курсната листа на Народната банка изнесува 61,69 денари и истиот е непроменет во однос на лани“ – се информациите од Народната банка.
На веб страницата на Народната банка секојдневно се објавуваат овие податоци и тие се единствениот релевантен извор на информации за девизниот курс на домашната валута, потенцираат од банката.
„Народната банка располага со низа инструменти со коишто ја гарантира стабилноста на денарот во однос на еврото. Девизните резерви коишто се клучни за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута се на високо ниво – двојно повисоко од пред глобалната економска криза во 2008 година“ нагласуваат од централната банка.