![](https://triling.mk/wp-content/uploads/2022/09/TIRZ-750x430.jpg)
Нарачките опаѓаат, но нема да има отпуштања – странските инвеститори тешко наоѓаат работници
Дури 53 отсто од вработените заминуваат набрзо откако ќе се вработат, а дури 47 отсто од невработените не сакаат да работат во индустријата. Сепак, Анкетата на странските компании, покажала и дека 91 отсто од нив се задоволни од своите вработени, што е далеку подобро од другите локации во регионот. Дури 53 отсто од вработените заминуваат набрзо откако ќе се вработат, а дури 47 отсто од невработените не сакаат да работат во индустријата. Сепак, Анкетата на странските компании, покажала и дека 91 отсто од нив се задоволни од своите вработени, што е далеку подобро од другите локации во регионот
Недостигот на квалификувани работници, а особено инженери, технички кадар и оператори е најголемиот проблем со кој се соочуваат поголемите странски компании што работат во земјава, покажала третата осумнеделна анкета спроведена помеѓу нив. Но, интересно е дека дури 53 отсто од вработените заминуваат набрзо откако ќе се вработат, а дури 47 отсто од невработените не сакаат да работат во индустријата.
Сепак, Анкетата покажала и дека 91 отсто од компаниите се задоволни од своите вработени, што е далеку подобро од другите локации во регионот.
Виктор Мизо, претседател на Советот на странски инвеститори, откри дека 41 отсто од поголемите странски компании во земјата се изјасниле дека не очекуваат да не се зголеми бројот на вработувања, што е во согласност со економските текови што во моментот доаѓаат како влијание од Европа.
– Најголемиот број од компаниите се од производствено-извозниот сектор насочен кон европскиот пазар. Но, треба да се појасни дека намалување на бројот на вработени не е отпуштање, туку нема да се пополни работното место ако некој замине или нема да има продолжување на договорот. Конкретно за автомобилскиот сектор, можам да кажам дека тоа ќе зависи од кој е клиентот за кој овде се работи и за кој модел на возило. Секако, има и позитивни примери со зголемен број нарачки. Ќе откријам и дека ако претходно ги правам бизнис-плановите на месечно ниво, сега работиме со неделни планови, оти состојбите се турбулентни. Но, во просек се очекува намалувањата на нарачките да се движат од 10 до 25 проценти – посочи Мизо.
Компаниите што учествувале во анкетата вработуваат повеќе од 40.000 работници, досега имаат инвестирано 4 милијарди евра, а само лани инвестирале над 270 милиони евра. 93 отсто од нив се со извозно ориентирани активности. Од државата како поддршка бараат јавен превоз за работниците, противпожарни бригади, системи за логистика, детски градинки, банки во близина и слично.
– Сите оние компании што работат во ТИРЗ не се покриени со јавен транспорт и мора да организираат превоз за своите вработени. За нас е приоритетна и изградбата на пристапните патишта, нови приклучоци до струја и гас, општата инфраструктура за автопати и патишта, приклучоци до вода и канализација и друго. 38 проценти од нив имале зголемен, а 62 отсто од странските инвеститори имале намален обем на работа што се должи најмногу на помалиот обем на нарачки и неможноста да најдат соодветна работна сила – додаде Мизо.
Во текот на минатата година, според одговорите од анкетата, најголем проблем за овие компании било пронаоѓањето на работната квалификувана сила, потоа оперативно зголемените трошоци, бирократијата, легалната несигурност и честата промена на регулативата, а корупцијата и судството се на петтото место.
– Ние како инвеститори во неколку наврати ѝ посочивме на Владата што се случува во Европа, а особено во Германија, која е наш најголем трговски партнер. И податоците за намалениот извоз го докажуваат тоа, така што државните институции би требало да ги следат овие насоки и да креираат нов сет мерки, слично како оние за време на короната. А секоја компанија е свесна дека ќе треба да го стегне ременот, со цел да ја задржи постојната работна сила и пазарната позиција – одговори Мизо, прашан дали Владата е свесна за потенцијалните удари врз македонската економија.
Извор: Слободен печат