„Нарачано убиство кое мора да е реализирано“: Началникот Ѓурчиновски со коментар за престрелката во Ист Гејт

Поранешниот висок началник на МВР, Љубомир Ѓурчевски, за „Скопје1“ го анализираше пукањето во трговскиот центар „Ист гејт“. Тој е дециден дека ова било планирано, додава дека станува збор за нарачано убиство и алармира дека доколку Раде Трајковски-Штекли преживее – ќе има и нов обид за негова ликвидација. Според Ѓурчиновски, загрижувачки е што пресметките од подземјето се случуваат на јавни места.

„Факт е дека станува збор за нарачано убиство кое мора да биде реализирано. Имавме еден вооружен напад, спрема истото лице, Штекли, пред два месеци кога беше во блиндираното возило. Ова е втор напад. И ако преживее, верувајте дека ќе има уште напади. Кога станува збор за пресметки на организираните криминални групи, дали се тоа за неплатена пратка дрога, дали е тоа за соработка со безбедносните служби, дали е должничко-доверителски спор, внатре – ако падне одлука дека некој треба да биде ликвидиран, тоа нема назад. Да не се лажеме, тоа се мафијашки методи на делување, од кои, они успеваат да го контролираат, јас викам, 00,1 отсто од светската популација односно врските меѓу криминалните групи“, вели Ѓурчевски за „Скопје1“.

Тој додава дека МВР има оперативни информации за криминалните групи, па укажа и на превентивната функција која ја има полицијата.

„Мене ме загрижува што тие пресметки се случуваат на јавни места, каде има голема фреквенција на луѓе, каде може да дојде до несакани жртви, до случајни жртви. Може да биде убиено дете, жена и така натака. Тоа посебно ме загрижува. Затоа во сите мои настапи, го повикувам МВР да е повеќе превентивно присутно точно на такви места – трговски центри, јавни места, плоштади. Во МВР јас верувам дека се уште има добри старешини кои знаат да планираат по време и место на сторување на кривични дела, како да ги насочат службите – униформираната полиција, крим полицијата и така натака. МВР има оперативни информации каде се движат криминалните групи, што работат, кои им се местата на собирање, пиење кафе, престој во хотели и така натака“, додаде поранешниот висок началник на МВР, Љубомир Ѓурчевски за „Скопје1“.

Дециден е дека тие кои сакаат да го ликвидираат Штекли, претходно му го следеле секој чекор. Однапред најавува дека пресметките нема да застанат додека таргетот не биде ликвидиран.

„Штекли е следен. Секој чекор му е следен, да не се лажеме дека тој случајно, баш во тоа време, ќе се најде таму – не. Како што работат организираните криминални групи, МВР требало да претпостави дека овој напад нема да прекине. Како јас однапред најавувам, а по сите медиуми зборував дека пресметките помеѓу организираните групи и нарко-дилерите, како и оние кои работат на меѓународен транспорт на дрога, кои поминуваат низ Македонија, нема да престанат. Борба е за превласт, кој ќе ја контролира оваа територија“, посочува Ѓурчевски.

Ова е вторпат, во два месеци, Штекли да биде мета. Првиот пат, не беше повреден, бидејќи управувал со блиндирано возило. Тоа, се случи во гаражите на истиот трговски центар. Возилото со кое се превезувале лицата кои пукале беше пронајдено запалено кај езерото Треска.