Напаѓачот од Сисак кој уби жена и рани осуммина ќе биде еден месец во притвор

Неџад Фетиќ (58) кој уби една жена во Сисак, а повреди осум лица, запали куќи и автомобили, му е одреден едномесечен притвор, објавено е на веб-страницата на Државното обвинителство на округот Сисак.

Притвор е определен поради можност за повторување на кривичното дело, можност за влијание врз сведоци, како и поради непречено одвивање на постапката. Се уште не е познат мотивот за нападот.

Официјалниот адвокат Данко Ковач изјави дека Фетиќ е демобилизиран војник кој поседува оружје од 1995 година, пренесуваат хрватските медиуми.

Адвокатот рече дека нема да се жали на одлуката на судот за одредениот притвор, бидејќи смета дека поради големиот интерес на јавноста за случајот, подобро е неговиот клиент да остане во притвор.

Ковач рече дека неговиот клиент делумно се бранел, односно одговорил на некои прашања, а изразил и жалење за својата постапка.

Тој не сакаше да коментира за разумноста на неговиот клиент, бидејќи тоа е еден од најважните предмети на истрагата што може да влијае на судската постапка и на конечната судска одлука.

Фетиќ е обвинет дека пукал со полуавтоматска пушка, таканаречена паповка. Одземена му е и една бомба, за која тврди дека не работи правилно.

Тој е осомничен за убиството на 45-годишната Ивана Ј, како и за неколку обиди за убиства, односно рани неколку лица, од кои четворица тешко. Меѓу повредените има и еден пожарникар и едно дете.

Напаѓачот запалил и две станбени згради, кои целосно изгореле, како и еден автомобил, додека третата станбена зграда и вториот автомобил биле делумно опожарени.

Здравствената состојба на тешко повредените е малку подобра и сите се постабилни.