
Напаѓачот го удрил кандидатот за советник со камен и му го скршил черепот, детали од крвавиот напад во Виница
Му била нанесена тешка телесна повреда – скршеница на черепот на главата, поради која оштетениот се наоѓа во кома и е неконтактибилен, а животот му е доведен во опасност, пишува во соопштението од ОЈО.
Напаѓачот од Виница, кој минатата недела крвнички го претепа Имит Скопко, кандидат за советник на претстојните избори од редовите на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ќе одговара за нанесување тешка телесна повреда, соопшти Јавното обвинителство.
„Осомничениот 37-годишник, на 2 октомври, на паркинг-простор пред ресторан во Виница, со умисла тешко телесно повредил едно лице и му го довел во опасност животот. Откако започнал вербална расправија со оштетениот во ресторанот, осомничениот пред објектот најпрво го фатил оштетениот за јакната и му задал повеќе удари со тупаници во стомакот. Потоа продолжиле да се туркаат и да се удираат со камења. Присутни лица се обиделе да ги раздвојат, но во еден момент осомничениот со камен го удрил оштетениот во задниот дел од главата и тој од ударот паднал во бесознание. Му била нанесена тешка телесна повреда – скршеница на черепот на главата, поради која оштетениот се наоѓа во кома и е неконтактибилен, а животот му е доведен во опасност“, пишува во соопштението од ОЈО.
Обвинителството бара на осомничениот да му се одреди притвор од 30 дена.