Тројца политичари од екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АФД) беа нападнати во два одвоени инциденти во саботата вечерта во Германија. Двајцата градски советници беа нападнати од маскирани напаѓачи пред кафуле во центарот на Карлсруе.
Како што соопштуваат медиумите, двајцата се полесно повредени, а досега полицијата привелапет лица и ги ослободила откако ги сослушала, а останатите осомничени сторители побегнале од местото. АФД соопшти дека градските советници биле нападнати со бејзбол палка, но за ова нема ниту потврда ниту демант од полицијата.
Според АфД, нападот бил поттикнат од радикалната левица. Претходно во саботата, 70-годишниот Ханс-Јирген Зиклер, член на парламентот на АфД во Саксонија, бил удрен со тупаница во лицето од маж во Дрезден, соопшти партијата.
Полицијата во Дрезден го потврди инцидентот. Против осомничениот напаѓач кој има 47 години е поднесена кривична пријава. Германија во последните месеци беше погодена од напади врз политичари од целиот политички спектар.