Наместо со 3%, годината ќе ја завршиме со 3,9% инфлација: НБРМ ја ревидираше проекцијата за 2025 година

Каматните стапки на Народната банка ќе останат непроменети, одлучи Извршниот одбор на НБРМ на седницата на која се дискутираше за поставеноста на монетарната политика на Народната банка.

Каматните стапки на Народната банка ќе останат непроменети, одлучи Извршниот одбор на НБРМ на седницата на која се дискутираше за поставеноста на монетарната политика на Народната банка.

Каматната стапка на благајничките записи и понатаму изнесува 5,35%, додека каматните стапки на депозитите преку ноќ и на седум дена остануваат на нивоата од 3,95% и 4%, соодветно. Понудата на благајничките записи на редовната аукција исто така е непроменета и ќе изнесува 10 милијарди денари. Со тоа, Народната банка го задржува внимателниот пристап во водењето на монетарната политика. Доколку продолжат позитивните движења со намалување на стапката на инфлација и во наредните месеци, и во отсуство на административни интервенции во утврдувањето на платите, Нaродната банка е подготвена соодветно да реагира во насока на натамошно нормализирање на монетарната политика.

Народната банка ја ревидираше својата проекција за инфлацијата за 2025 година нагoре, со што до крајот на годината таа се очекува да изнесува 3,9%, наместо првично предвидените 3% од априлската проекција.

Годишната стапка на инфлација во септември и натаму забавува и изнесува 4%. Ваквото движење главно произлегува од релативно инертната базична инфлација, движењата кај цените на храната, а во помала мера и од цените на енергијата. Најновите проекции за берзанските цени на примарните производи за наредниот период се променети во надолна насока, што укажува на помали увозни ценовни притисоци за домашните цени во следниот период. Според најновите проекции, се очекува дека инфлацијата за целата 2025 година ќе изнесува 3,9%, во просек, а во понатамошниот период на проекциите ќе следи патека на надолно приспособување и враќање кон историскиот просек. Следствено, инфлацијата ќе се сведе на 2,5% во 2026 година и 2,0% на среден рок.

Во првата половина од 2025 година, економскиот раст достигна 3,2% покажувајќи дека е поотпорен во однос на очекувањата за првата половина од 2025 година. Расположливите високофреквентни податоци за третиот квартал од 2025 година упатуваат на понатамошен, умерено забрзан раст, поддржан од високиот раст кај градежништвото и солидниот раст во индустријата и угостителството, при послаби остварувања кај трговијата. Согласно подоброто остварување во првата половина на годината, новите проекции упатуваат на забрзување на растот на БДП, односно негово искачување на 3,5% во 2025 година и на 4% на среден рок, при непроменети оцени за фундаменталните фактори од кои зависи растот. Во услови на јавен инфраструктурен циклус и подобрување на надворешните услови, се очекува дека инвестициите ќе бидат главниот фактор за растот, којшто ќе биде дополнително поддржан од домашната потрошувачка и извозната активност.

Стапките на раст на депозитите и кредитите на банките, заклучно со септември, упатуваат на натамошно јакнење на депозитната база на банките и на нивна солидна кредитна поддршка за економската активност. Врз основа на тековните движења, до крајот на 2025 година, се очекува раст на депозитите од 9,5% и раст на кредитите од 11,6%. На среден рок, за периодот 2026 − 2028 година, се предвидува умерено забавување на просечниот раст, којшто ќе изнесува околу 7,6% кај депозитите и 7,3% кај кредитите, односно стабилна поддршка на економијата преку банкарскиот сектор.