Намалувањето на маржите – голема измама на Мицкоски, велат од СДСМ

Време е Мицкоски да го прифати предлогот за зголемување на минималната плата, што ќе донесе бенефот за сите работници и ќе ја зголеми минималната плата, а со тоа и просечната плата, потенцираат од СДСМ.

Само неколку недели по воведувањето на владината мерка за намалување на цените на основните производи се покажа дека истата е целосно неефективна. Очигледно оваа мерка ги штити трговците, а не граѓаните. Ова денеска го соопшти портпаролката на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) Богданка Кузеска, посочувајќи дека се покажа дека голем дел од цените се намалени, некои минимално, а цените на одредени производи дури и се зголемени.

„Оваа мерка се покажа како голема измама на Владата. Еве ги бројките. Во октомври синдикалната кошничка е намалена за само 57 денари во споредба со претходниот месец. Тоа е заштедата на граѓаните за еден месец од мерките на Мицкоски. На едно четиричлено семејство му се потреебни 61 249 денари за основнитее потреби во месецот, додека просечната плата падна за 1 000 денари откако тој стана премиер. Ова покажува дека животниот стандар на граѓаните драстично опаѓа и дека имаат се помалку пари во џебовите“, вели Кузеска.

Освен ПР-кампањата на Владата, со налепници „загарантирана цена“ во маркетите, според неа, ништо друго не се променило.

„Владата одбива да ја зголеми минималната плата за 450 евра. Со потсмев им вели да почекаат и оти ќе бидат задоволни. Се чека Владата да се смилува и да преземе нешто што ќе значи директна поддршка за семејствата и родителите што се борат да ги покријат основните потреби“, рече портпаролката на СДСМ.

Според неа, време е Мицкоски да го прифати предлогот за зголемување на минималната плата, што ќе донесе бенефот за сите работници и ќе ја зголеми минималната плата, а со тоа и просечната плата.