
Намалена продажба, но цената на становите не паѓа: Стан во Центар продаден за 260 000 евра
Најмногу станови се продадени во скопската Општина Аеродром – 164, додека најголем број куќи се продадени во Битола – 60.
Последните податоци од Агенцијата за катастар на недвижности покажуваат дека продажбата на станови во вториот квартал од годинава е значително помала во споредба со првиот. Во периодот од 1 април до 30 мај, од инвеститори се продадени 676 новоизградени стана, што претставува пад од 178 стана во споредба со првиот квартал од годинава.
На пазарот на недвижнини се очекува да се најдат уште 25 354 стана кои се во фаза на градба.
И покрај падот на продажбата, цените на становите продолжуваат да растат. Највисока цена по квадратен метар е забележана во скопската Општина Центар, каде што стан од 96 квадратни метри е продаден за 260 000 евра, односно 166 563 денари (2 708 евра) за квадратен метар.
Најмногу станови се продадени во скопската Општина Аеродром – 164, додека најголем број куќи се продадени во Битола – 60.
Освен станови и куќи, во вториот квартал во повеќето општини се продадени 150 гаражи и 28 деловни простории од кои најголем дел се во Општина Центар.