НАкС: МОН да ги продолжи разговорите за пакетот-закони за да се создадат услови за дефинирање посоодветни решенија

Независниот академски синдикат бара Министерството за образование и наука да го продолжи процесот на дискусија по овој пакет-закони, со што би се создале услови за дефинирање посоодветни решенија. Инсистирањето на МОН и на Владата да ги поднесат законските решенија во планираната форма нема да овозможи зголемување на квалитетот во високото образование и науката.

Независниот академски синдикат (НАкС) со внимателност го следи процесот на создавање на новиот пакет закони што ги нормираат високото образование, научноистражувачката дејност и обезбедувањето на нивниот квалитет, најавувани од страна на Министерството за образование и наука (МОН) како пакет реформски закони, чија цел е подигнување на квалитетот на високото образование и науката. Како синдикат што се бори за истата цел – подигнување на квалитетот на високото образование и науката, НАкС пристапи конструктивно и во рамките на овој процес изготви забелешки за сите три нацрт-закони, кои ги достави до овластениот предлагач, МОН, како и на ЕНЕР, се наведува во соопштението на академскиот синдикат, кое МИА го пренесува интегрално.

За жал, важен дел од нашите забелешки беа игнорирани, а нацрт-законите во нивната суштина останаа непроменети. Сметаме дека јавноста треба да биде информирана за главните забелешки што НАкС ги има за трите закони, кои имаат потенцијал да го уназадат развојот на високото образование и науката во нашата земја.

Во сите три предложени текста очигледно е нарушувањето на универзитетската автономија, преку одземање надлежностите на независните тела и нивно префрлање на МОН. Овие законски решенија не овозможуваат доволна независност во финансиското работење и оставаат простор за притисок од власта врз кадровските политики на високообразовните установи (ВОУ). Па, прашуваме – доколку меритот е критериум за вработување во ВОУ, зошто Владата не се откаже од своите патеки на влијание во кадровското управување на ВОУ? Дополнително, која е целта на централизацијата на управувањето во високообразовните установи, освен влијанието на власта преку раководните лица?

Во своите јавни изјави, претставниците на Владата ги објаснуваат новите услови за избор во наставно-научни и научни звања како нужен чекор за обезбедување на квалитет во ВОУ. Убедени сме дека условите за избор во звања треба да одговараат на спецификите на различните научни и уметнички подрачја, при што мора да бидат создадени неопходни услови за нивно достигнување. Во предложените решенија условите не се применливи за различните научни подрачја и се тешки за достигнување од младите научници, без гаранции за соодветно финансирање и услови за работа. Наместо декларираната цел – зголемување на квалитетот, ваквиот пристап може да има погубен ефект – губење на помладиот кадар на универзитетите.

НАкС континуирано се залага за развојот на науката во државата. За жал, мора да констатираме дека во Законот за научноистражувачка дејност не постои вистинска заложба за обврзувачко, континуирано, предвидливо и стратешко финансирање на науката во државата. Како предлагачот очекува да бидат исполнети условите за избор во звање, кои во некои аспекти ги надминуваат и оние кои постојат во регионот (на пр. Словенија, Србија, Хрватска), со вакво ниво на финансирање во науката во државата, кое е едно од најниските во Европа?

Сметаме дека новата Агенција за квалитет во високото образование и науката, во која МОН ќе има директна улога, спротивно на европските критериуми за независност од политиката, не може да обезбеди стручна и независна контрола на примената на законските критериуми за работа.

Независниот академски синдикат бара Министерството за образование и наука да го продолжи процесот на дискусија по овој пакет-закони, со што би се создале услови за дефинирање посоодветни решенија. Инсистирањето на МОН и на Владата да ги поднесат законските решенија во планираната форма нема да овозможи зголемување на квалитетот во високото образование и науката. Напротив, тоа ќе создаде невозможни услови за реализација на високообразовната дејност, невозможни услови за напредување на младите научници и ќе предизвика сериозен упад на политиката во универзитетската автономија.

НАкС, истакнувајќи добра волја за соработка, бара средба со Министерството за образование и наука, како предлагач, со цел донесување законски решенија што навистина ќе го подобрат квалитетот на високото образование и науката во нашата земја.