Вкупно 63,3 отсто од испитаниците во истражувањето на Институтот за политички истражувања – Скопје имаат позитивно мислење за иницијативата „Отворен Балкан“, која покрај Северна Македонија ги вклучува и Србија и Албанија.
Анкетата, спроведена за потребите на емисијата „Детектор“, покажува дека само 15,9 отсто од анкетираните граѓани имаат негативен став кон „Отворен Балкан“.
Споредбената анализа со истражувањето на ИПИС од 2020 година покажува зголемување на довербата на граѓаните во „Отворен Балкан“, со оглед на тоа што тогаш 42,4 отсто од испитаниците имале позитивен став кон иницијативата, а 39,9 отсто негативен.
Најпозитивен став кон оваа иницијатива имаат најмладите. Кај испитаниците помлади од 30 години позитивно мислење за „Отворен Балкан“ имаат 70,9 отсто.
На прашањето со која земја од регионот Северна Македонија има најдобри односи, Србија ја навеле 56,5 отсто од испитаниците, потоа Албанија со 11,3 отсто, Турција и Косово со по 3,3 отсто, Хрватска со 2,6 отсто, Словенија со 1,2 отсто. Грција со 1,1 и Бугарија со 0,9 отсто.
Од друга страна, како земја со која Северна Македонија има најлоши односи, 64,6 отсто од испитаниците ја навеле Бугарија, потоа Грција со 9,2, Албанија со 3,4, Србија со два отсто и Косово со 1,2 отсто.
Институтот за политички истражувања – Скопје анкетата ја спроведе телефонски во периодот од 2 до 6 мај годинава на репрезентативен примерок од 1.112 испитаници.