Над 350 загинати во Појасот Газа во вооружениот судир меѓу Израел и Палестина

Над 350 загинати во Појасот Газа во вооружениот судир меѓу Израел и Палестина. Војната започна со ракетни напади на терористите на Хамас и инвазија на израелска територија по море, воздух и копно во зори. Израелската влада одговори со воздушни напади врз локации, каде наводно, се инфилтрирани палестински милитанти за време на тековната офанзива.

Според последните податоци, загинати Израелци има 150, десетици се заложници, а илјадници се ранети кои дошле во болниците. Истовремено 198 Палестинци се убиени во израелски воздушни напади, соопштија здравствените власти во Газа, пренесе Ројтерс.

Во меѓувреме, непознат број Израелци се заробени од борците на Хамас, со непроверени снимки на социјалните мрежи на кои се гледаат постари луѓе и една млада жена со врзани раце во Газа. Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека се запознаени со извештаите, но не потврдија детали.

Ал Џезира објави дека „десетици жртви“ се пренесени во болницата Ал-Шифа во Газа и дека „голем број ожалостени семејства веднаш дошле во болницата откако ја слушнале веста“.

Пред кратко време, израелски воен авион гаѓаше дополнителна ќелија на Хамас до преминот Ерез.

Во Газа луѓето побрзаа да купат залихи во пресрет на претстојните денови на судири. Некои ги евакуираа од своите домови и се упатија кон засолништата.

„Се плашиме“, рече Амал Абу Дака, Палестинка која живее во Кан Јунис, во опколениот Појас Газа, според Ал Џезира.

Во Рамалах, кој обично е релативно мирен во споредба со другите градови на Западниот Брег, новинар на Ал Џезира видел десетици луѓе како ги празнат супермаркети, купувајќи сè од полиците.

Една жена, купувајќи конзервирана стока, рече: „Може да има уште една инвазија“, мислејќи на големиот упад на израелските трупи (наречена операција „Одбранбен штит“) во 2002 година, кој уништи голем дел од Западниот Брег.

Во исто време, како што објави Гардијан, неименуван израелски министер изјави за Ynet дека постои ризик нападите на Хамас да имаат за цел да го одвлечат вниманието соочени со напад од север. Во меѓувреме, либанската милитантна група Хезболах соопшти дека е „во директен контакт со раководството на палестинскиот отпор и спроведува континуирана проценка на настаните и напредокот на операциите со нив“.

Израелската војска во кусото соопштение рече дека „неколку десетици (нејзини) воени авиони моментално напаѓаат голем број цели“ на Хамас. Според Министерството за здравство на Хамас, едно лице досега е убиено од израелските напади.