
Над 3.000 млади добија по најмалку 10.000 евра од државата за отворање сопствен бизнис
Денеска на околу 3.000 млади лица им беа доделени договори за помош и поддршка при отворање сопствен бизнис во висина од 10.000 односно 20.000 евра ако се здружат во ДОО, а дополнително, на планираната сума, обезбедени се уште 300 милиони денари.
Денеска на околу 3.000 млади лица им беа доделени договори за помош и поддршка при отворање сопствен бизнис во висина од 10.000 односно 20.000 евра ако се здружат во ДОО, а дополнително, на планираната сума, обезбедени се уште 300 милиони денари.
– Како Влада, силно веруваме дека економијата расте тогаш кога граѓаните имаат поддршка да создаваат, да иновираат и да стануваат претприемачи, затоа мерката за самовработување, како дел од Оперативниот план, е една од најатрактивните и најуспешните програми во државата. Оваа година го имаме најголемиот интерес досега – стигнаа вкупно нешто повеќе од 6.000 апликации, што е силен индикатор дека граѓаните имаат желба, знаење и самодоверба да изградат сопствен бизнис, а државата им стои зад грб со конкретна и рекордна финансиска поддршка, истакна премиерот Христијан Мицкоски денеска на прес-конференцијата по доделувањето на решенија за самовработување како дел од Оперативниот план за вработување.
До овој момент, како што посочи, издадени се 2.916 ваучери за изработка на бизнис план, а оценети се 2.681, при што 1.140 се за млади до 29 години, 912 за лица над 29 години, а 629 за правни субјекти регистрирани како друштва со ограничена одговорност. Во моментот 2.545 лица веќе се во процес на потпишување договори за грант, по што ќе следи дводневната обука што им помага посигурно да тргнат во претприемачките води.
– Од вкупно 6.045 апликации, 3.296 се од млади лица под 29 години, што посебно радува. Финансиската поддршка е значително зголемена: 7.000 евра за лица над 29 години или 14.000 евра ако се здружат во ДОО, и 10.000 евра за млади до 29 години или 20.000 евра ако се здружат во ДОО. Ова не се само бројки – ова се нови бизниси што ќе отворат нови занаетчиски работилници, ИТ-стартапи, услуги, производствени мали фирми, нови можности за развој и зајакнување на целата економија. Мерката за самовработување е дел од Оперативниот план за 2025 година кој тежи над 2,5 милијарди денари или 40 милиони евра, што е за 7,5 милиони повеќе од минатата година и претставува рекорден износ на поддршка. Со овој план во 2025 ќе бидат опфатени 16.507 лица – најголем опфат досега, што е јасен доказ дека државата инвестира во најголемата сила што ја има, а тоа се граѓаните, рече Мицкоски на прес-конференцијата што се одржа во Влада.

Поради огромниот интерес, Министерството за економија и труд заедно со Агенцијата за вработување предложија ревизија на Планот, при што се прераспределија дополнителни 300 милиони денари. Со тоа се додадени уште 161 милион денари обезбедени преку ребалансот на Буџетот, само со една цел: ниту еден потенцијален претприемач да не остане без шанса.
– Оваа мерка е истовремено и силен инструмент во нашата стратешка борба против невработеноста. Наместо пасивни мерки и чекање на пригодни околности, ние ја менуваме филозофијата – од држава која само обезбедува социјална поддршка, се претвораме во држава која создава можности, охрабрува личен напредок, поттикнува храброст и им дава на луѓето алатки за да станат самостојни. Самовработувањето создава работни места таму каде што нема големи фабрики, отвора перспективи во руралните средини, ги активира младите, ги зајакнува жените претприемачи и им овозможува на секој со добра идеја да ја претвори во успешна економска приказна. Денес не потпишуваме само договори – денес потпишуваме нова енергија во економијата, нови работни места, нови успешни приказни. Претприемачите, се двигатели на економскиот развој, а нашата задача како Влада е да ги отвориме вратите, да ја дадеме поддршката и да создадеме фер, стабилна и мотивирачка економска средина. Честитам на храброста и посакувам успех и уверувам – државата стои зад секој еден чекор којшто го прават претприемачите, истакна премиерот Мицкоски.
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши рече дека мерката самовработување како дел од Оперативниот план за 2025 година претставува еден од најзначајните инструменти, преку кој граѓаните добиваат реална поддршка за да изградат свој бизнис и да изградат стабилна иднина за себе и за своите семејства.

– Интересот за оваа мерка е најголем досега. На јавниот повик аплицираа 6.045 граѓани, од кои 2.545 денес влегуваат во процес на потпишување договори. Ако ги погледнеме бројките, во 2025 година за оваа мерка беа планирани 25 милиони евра, два пати повеќе споредено со 2024 година. Во 2026 година младите до 29 години дополнително ќе бидат поддржани за отворање сопствен бизнис, како и преку други форми на поддршка насочени кон нивно побрзо вклучување на пазарот на труд, изјави Дурмиши. Според него, ова е порака до Владата и до ресорното министерство дека граѓаните веруваат во државата, во системот и во перспективата која, како што рече, ја отвораме ние.
Значителен дел од избраните се млади кои, како што рече, не чекаат, дејствуваат, создаваат и ја движат напред новата економска енергија на нашата земја.
В. д. директорот на Агенцијата за вработување Сељатин Бељули истакна дека веруваат оти секој од добитниците на овој грант што го доделуваат има потенцијал да изгради стабилен и одржлив бизнис кој ќе придонесе кон локалната економија и отворање нови работни места.

– Оваа година беа доделени 7.000 евра за лица кои ќе бидат добитници, а се на возраст над 29 години. За млади до 29 години планиравме во буџетот на Агенцијата да доделиме 10.000 евра, што е повеќе во споредба со претходната година кога износот на финансиската поддршка изнесуваше 6.000 евра за двете целни групи. Во Оперативниот план за 2025 година овозможивме и здружување на двајца корисници во друштво со ограничена одговорност, а финансиската поддршка изнесува најмногу 20.000 евра во зависност од целните групи од двете лица кои го основаат ова друштво, на која возраст припаѓаат. Аплицираа 6.045 лица, од кои 3.296 млади и 2.130 жени, информира Бељули.
Тој истакна дека освен што невработените лица кои се добитници на овој грант ќе потпишат договор ќе добијат менторство и поддршка за почнување и водење на бизнисот. Менторската поддршка ќе биде обезбедена за млади, за Роми, лица со попреченост, жени од рурални средини кои почнуваат бизнис во земјоделска дејност и жени од ранливи категории. Менторската поддршка за овие нови бизнисмени ќе трае шест месеци од основањето на бизниост и оваа година е предвидено да ја добијат 300 млади лица и 70 лица од другите целни групи.