Над 3 000 вработени на најстариот државен универзитет во земјава „Свети Кирил и Методиј“ Скопје од месецов ќе добиваат за околу 22 отсто повисоки плати согласно поединечниот колективен договор склучен меѓу УКИМ и Собранието во декември 2022 година.
Одредбите од договорот, односно исплатата на покачените плати на вработените на Универзитетот требаше да стапи во сила од јануари годинава, но Сојузот на синдикати при УКИМ неодамна алармираше дека договорот не е испочитуван и дека државата не обезбедила пари во Буџетот за оваа намена.
Денеска во писмен допис до медиумите и Министерството за труд и социјална политика (МТСП) и Министерството за образование и наука (МОН) информираа дека на денешната владина седница е донесена одлука со која вработените на Универзитетот од месецов ќе ги добиваат покачените плати согласно колективниот договор. Ретроактивно ќе им биде исплатена и разликата за јануари.