Над 25 детски филмови достапни онлајн преку платформата „Cinesquare“

Каталогот опфаќа врвни европски детски филмови, меѓу кои „Кариран нинџа“, „Смрдушковци“, „Луси гангстерката“, „Младиот Винету и изгубените биволи“, „Летни бунтовници“, „Вау - порака од вселената“, „Викторија мора да замине“, „Дури и глувците одат во рајот“ и многу други.

Над 25 детски филмови се достапни онлајн преку платформата „Cinesquare“, информираат утрово од продукциската компанија „Катавеј“.

Како што појаснуваат, повеќе од 25 внимателно селектирани филмови за деца од шест до 12 години сега се достапни за гледање во земјава преку каталогот „Kidsquare“.

– Каталогот опфаќа врвни европски детски филмови, меѓу кои „Кариран нинџа“, „Смрдушковци“, „Луси гангстерката“, „Младиот Винету и изгубените биволи“, „Летни бунтовници“, „Вау – порака од вселената“, „Викторија мора да замине“, „Дури и глувците одат во рајот“ и многу други. „Kidsquare“ ја збогатува филмската понуда со елементи на гејмификација, овозможувајќи на децата, интерактивно искуство преку игри и квизови поврзани со филмовите, при што корисниците собираат поени што можат да ги искористат за дополнителна забава, се наведува во соопштението на продукциската компанија.

Целта на компанијата е, како што се истакнува, да ја доближат висококвалитетната европска детска содржина до поширока публика, на достапен и иновативен начин.

– Со „Kidsquare“, создаваме уникатно искуство што комбинира филм, едукација и забава, а цената од само едно евро овозможува што повеќе деца да уживаат во овие креативни содржини, се додава во соопштението.

Филмовите од „Kidsquare“ се достапни преку платформата „Cinesquare.net“, како дел од проектот координиран од „Катавеј“ во партнерство со „Nowe horyzonty“ (Полска) и „Nexo digital“ (Италија), кофинансиран од програмата „Креативна Европа – МЕДИА“.