
Над 16.000 сообраќајки и 27 илјади лица со последици за четири години, „Безбеден град“ како решение за неодговорното возење
Со повеќе од 17.000 сообраќајни незгоди и над 27.000 настрадани лица за четири години, државната статистика покажува дека Македонија има континуиран раст на опасности во сообраќајот. Во овој контекст, стартува и најобемниот систем за автоматска контрола на сообраќајот – „Безбеден град“, кој уште во тест-периодот регистрира десетици илјади прекршоци дневно, отворајќи прашање дали напредната технологија може да го прекине растечкиот циклус на сообраќајни незгоди.
Со повеќе од 17.000 сообраќајни незгоди и над 27.000 настрадани лица за четири години, државната статистика покажува дека РС Македонија има континуиран раст на опасности во сообраќајот. Во овој контекст, стартува и најобемниот систем за автоматска контрола на сообраќајот – „Безбеден град“, кој уште во тест-периодот регистрира десетици илјади прекршоци дневно, отворајќи прашање дали напредната технологија може да го прекине растечкиот циклус на сообраќајни незгоди.
Бројот на сообраќајни незгоди, согласно податоците од Државниот завод за статистика, кој во 2021 година изнесувал 4.069, во 2022 година благо се намалил на 3.952. Но, наместо да продолжи надолниот тренд, веќе следната година бројката повторно расте до 4.274, а во 2024 достигнува 4.526 незгоди.
Паралелно со растот на несреќите, расте и бројот на настраданите лица. По значителното намалување во 2022 година, кога биле регистрирани 6 420 настрадани, повторно следува пораст – 7 105 во 2023 и 7 298 во 2024 година. Споредено со најниската точка во 2022 година, се работи за зголемување од речиси 900 лица во рок од само две години.

Особено алармантен е растот на бројот на загинати. Додека во 2021 година загинале 116 лица, во 2022 бројката се зголемува на 124, во 2023 достигнува 127, а во 2024 година бележи највисока вредност – 142 жртви.
Најголем дел од загинатите во 2024 се возачи, вкупно 85, а следуваат 33 патници и 24 пешаци. Иако бројот на загинати пешаци бележи благо намалување, загубите на живот меѓу возачите се највисоки во последните четири години.
Раст бележат и повредите. Потешко и полесно повредените лица, кои во 2021 година биле 6 659, во 2022 година се намалуваат на 6 296, но веќе во 2023 се зголемуваат на 6 978, а во 2024 достигнуваат 7 156 повредени.
Сумирано, последните две години покажуваат континуиран и јасен раст и на бројот на несреќи, бројот на повредени и бројот на загинати.
До средина на 2026 „Безбеден град“ ќе ја покрие цела држава
Истовремено, државата го стартува најкомплексниот систем за автоматска сообраќајна контрола – „Безбеден град“. Системот подразбира мрежа стационарни и мобилни камери, радари, интеграција со бази на податоци и автоматско креирање записници. Прекршоците (недозволена брзина, минување на црвено, нерегистрирани возила, непрописно паркирање) се документираат дигитално, а известувањата и платните налози ќе се испраќаат електронски, со попуст при навремено плаќање.
Пробниот период на системот „Безбеден град“ стартуваше на 1 декември 2025 при што според информациите од Министерството за внатрешни работи, во првиот тест период за 24 часа регистрирал 110 илјади прекршоци, додека, наредниот ден на 2 декември регистрирани се вкупно 50.652 прекршоци, што претставува преполовување на бројот на регистрирани прекршоци. Од нив 48.861 се прекршоци за брзина, 1.366 за црвено светло и 425 за нерегистрирани возила.
И покрај најавата дека казните ќе започнат од 1 јануари 2026, Министерството ја пролонгираше целосната примена за 1 февруари 2026, поради технички доработки и усогласувања, при што во првата фаза системот ќе работи на територија на Скопје, Тетово и Куманово, како и долж коридорите 8 и 10.

Иако уште се прибираат систематски податоци, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изнесе проценка дека во периодот на предупредувања, без ефективни казни, бројот на повредени третирани на Клиниката за трауматологија е намален за околу 20 проценти во споредба со претходниот период.
Според информациите од МВР, системот „Безбеден град“ ќе ја применува истата толеранција на брзина како и другите полициски радари: до 100 км/ч дозволена е разлика од 6 км/ч, над 100 км/ч – 8 км/ч, а над 200 км/ч – 12 км/ч. Така, при дозволени 50 км/ч, системот ќе регистрира прекршок од 57 км/ч. Оваа толеранција важи само за сообраќајни прекршоци, но не и за кривични дела. „Безбеден град“ ќе ги санкционира и службените возила кога не постапуваат во рамки на оправдани оперативни дејствија, додека, возилата како брза помош, пожарна, МВР или МО ќе бидат изземени од системот само кога навистина извршуваат службена задача.
Министерот Тошковски изјави дека проектот „Безбеден град“, заедно со неговото одржување од 2008 до 2025 година, го чинел државниот буџет околу 85 милиони евра. Тој посочи и дека оваа сума, распределена во период од 14 години, претставува приближно една петина од годишните трошоци што државата ги има како последица од сообраќајни незгоди.
Најави дека до средината на идната година „Безбеден град“ ќе биде имплементиран на целата територија на државата.
„Безбеден град“ – шанса за брзо решение, но долгорочниот успех зависи од сите сектори
Ако „Безбеден град“ функционира како што е планирано, се очекува краткорочно да имаме пад на повредени и жртви, а среднорочно би имало стабилен тренд на намалување со приближување кон целта на ЕУ/ООН за преполовување на смртните случаи до 2030.
Но, успехот нема да се мери само по бројот на изречени казни. Ќе се мери по вистински промени во навиките, како што се помалку минувања на црвено, пониска просечна брзина во град, поголема дисциплина кај пешаците и велосипедистите и подобро одржување на возилата. Тука доаѓа улогата на јавните кампањи и транспортните политики — од паметни ограничувања на брзина, до пренасочување кон јавен превоз и активно движење, како што сугерираат меѓународните стандарди.
Сепак, не е доволно да „казнуваме повеќе“, според експертите, потребна е интегрирана стратегија што ги обединува технологијата, инфраструктурата, образованието и итната медицинска грижа — со јасни индикатори и јавна отчетност.
Доколку „Безбеден град“ стане катализатор за таква интеграција, 2026, се посочува, може да биде годината на пресврт. Ако остане само технолошки остров, без паралелни вложувања во патишта и култура, ризикуваме ефектот да се истроши.
Едно е сигурно, бројките од 2024 не оставаат простор за комоција. „Безбеден град“ е шанса за брз удар врз најопасните навики, но одржливиот успех, се смета, ќе зависи од тоа колку брзо ќе се движиме на сите фронтови – од реконструкција на „црни точки“ до воспитување на генерации возачи што не чекаат камера за да се однесуваат одговорно.
Ангела Рајчевска