Над една третина од становите во земјава се ненаселени

Има 839.174 станови во земјава, од нив 531.987 станови (63,4%) се населени, додека 307.187 станови (36,6%) се ненаселени.

Ова го покажува третиот сет на податоци од Пописот на населението, домаќинствата и становите, 2021, објавен од Државниот завод за статистика.

Најмногу празни станови има во Југозападниот регион каде над половината од становите се ненаселени, додека најмалку празни станови има во Скопскиот регион, каде само 29% се празни.

Од скопските општини најмногу празни станови има Центар – 10.865, а најмалку празни станови има Чаир – 22,5% од вкупно 17.771 стан.

Во новиот милениум во Центар бројот на станови е зголемен за над 30 проценти, додека во Чаир за само 3,62 проценти.

Куманово, кој е втор по големина град во земјава, со 98.104 жители има околу 12.500 празни станови или 33 проценти од вкупниот број.

Исто и Битола, кој со 85.164 жители е трет по големина град во земјава и има над 16.000 празни станови.

Скопскиот регион има 607.007 жители и 243.252 станови, од кои 70.094 или 29% се празни

Најмногу празни станови има општина Сопиште, каде 60 проценти од вкупно 4.214 станови се празни, додека најмалку празни станови има Арачиново, каде само 578 станови или 20,5% се ненаселени.

Градот Скопје има 526.502 жители и 213.850 станови, од кои 27,7 проценти се ненаселени.

Во последните 20 години бројот на станови е зголемен за 22,5%.

Најголем раст има во Аеродром – 32,7%, а најмал раст во бројот на станови има во Чаир – 3,62%.

Во најголемиот град во општината Охрид, над половина од вкупниот број на станови или над 17.000 се празни. Во последните 20 години во Охрид бројот на станови е зголемен за околу 5.000 или 15%.

Во Струга празни се над 10.000 станови или над 44%.