Од Уставен суд потврдија дека во текот на вчерашниот ден, претседателката на Судот – Добрила Кацарска, во полициска станица пријавила евентуално загрозување на сигурноста откако на нејзиното приватно паркинг место во близина на нејзиното живеалиште во непосредна близина на нејзиното возило е пронајден нож и други предмети.
Како што соопшти денеска на прес-конференција портпаролката на Уставен – Христина Беловска, оставаат на надлежните да утврдат дали се работи за закани или случајност.
– Она што можам да го потврдам е нејзината пријава со оглед дека на нејзиниот имот, на нејзиното приватно паркинг место кое што се наоѓа во подземна гаража од затворен тип и во која што има околу 50-ина други автомобили наоколу е пронајден забоден нож на 20-ина сантиметри во прекинувачот за струја кој што се употребува токму за да се осветли делот над нејзиниот автомобил и други останати предмети за кои што повеќе информации ќе може да добиете веројатно од истрагата, рече Беловска.
За заканите, таа дополни дека имало повеќе непријатности во континуитет.
– Некои ситни инциденти во јавноста, има закани на социјалните мрежи упатено лично кон неа кои што сѐ уште се достапни и верувам дека ќе бидат и тие проверени, меѓутоа, претседателката не сакаше да се реагира за ниту еден од тие инциденти сѐ до моментот вчера кога беше пронајден и нож на нејзиниот личен имот – порача таа.