
Набавува ли МВР сомнителен софтвер за прислушување?
СДСМ тврди дека ВМРО-ДПМНЕ се враќа на старите патеки за прислушување на новинари и активисти. Потпретседателот на партијата, Методија Илиевски, денеска- на прес-конференција изјави дека на почетокот на мај оваа година МВР потпишало договор за набавка на софтвер кој се користи за прислушкување и шпионажа на телефонските уреди.
СДСМ тврди дека ВМРО-ДПМНЕ се враќа на старите патеки за прислушување на новинари и активисти.
Потпретседателот на партијата, Методија Илиевски, денеска- на прес-конференција изјави дека на почетокот на мај оваа година МВР потпишало договор за набавка на софтвер кој се користи за прислушкување и шпионажа на телефонските уреди.
Софтверот „Селебрајт инсајтс про” како и „НовиСпај” се алатки развиени за потребите на српската Безбедносно информативна агенција. Проблематично е тоа што во светските медиуми и официјални соопштенија на „Гугл“, за овој софтвер се наведува дека бил користен за следење на новинари и активисти, рече Илиевски.
„Сега МВР набавува годишна лиценца за софтвер Cellebrite Inseyets Online Pro, годишна лиценца за Recon ITR, Recon Lab, Exterro FTK Enforcement Bundle за 9 милони денари.
Ова се скандалозни и загрижувачки информации“, нагласи Илиевски, особено што „Амнести интернешенел“ во својот извештај објави целосно истражување и форензички резултати за овие случувања.
Зошто МВР го избра најсомнителниот софтвер, познат по низа скандали и незаконско следење, прашува СДСМ.
Владата преку портпаролката Марија Митева веднаш потоа ги демантираше овие обвинувања. Таа рече дека „сѐ што било изнесено на прес-конференцијата на СДСМ е ноторна лага“.
„Во целост ја демантирам прес-конференцијата на СДСМ и сѐ што е изнесено на неа е ноторна лага. СДСМ е политичката партија која во време на власта го набави тој софтвер за форензика и точно знае дека софтверот не може да функционира без лиценци. Тие лиценци на годишно ниво секогаш се набавуваат зашто таа опрема е наменета за дигитална форензика. Овој договор што го спомнуваат е рамковна спогодба за три години за набавка на лиценците и ништо повеќе од тоа“, истакна Митева, одговорајќи на новинарски прашања во Владата.