
Набавката на хеликоптерите од италијанскиот производител „Леонардо“ е во тек, а континуирано се работи на отстранување на правните предизвици, рече денеска министерот за одбрана Владо Мисајловски одговарајќи на новинарско прашање за тоа кога може да се очекува да пристигне првиот ваков хеликоптер.
„Набавката е во тек. Знаете дека претходната влада ја има потпишано таа набавка, која има многу правни предизвици. Со адвокатска компанија секојдневно работиме за отстранување на секој предизвик што го имаме. Се исплати втората рата од 70 милиони евра“, рече тој.
Според него, овие хеликоптери ќе можат да дејствуваат на сите видови пожари бидејќи имаат опрема што дополнително се става на овие летала.
Најави дека наскоро ќе имаат работна посета на Италија, каде што ќе се види што сè е направено, а потоа транспарентно ќе објаснат до каде е целата постапка.
Договорот за набавка на нови осум транспортни хеликоптери од типот AW149 и AW169M за потребите на Армијата, вреден 249,5 милиони евра, во име на владите на двете земји беше потпишан во март минатата година, од страна на тогашната министерка за одбрана Славјанка Петровска и нејзиниот италијански колега Гуидо Кросето.
Со потпишувањето на овој договор покрај набавката на осум хеликоптери кои треба да бидат испорачани во периодот од 2026 година до крајот на 2028 година, вклучен е и пакет за логистичка поддршка односно опрема, резервни делови, тренажер, комплетна обука на летачкиот и техничкиот персонал и изградба на модерен инфраструктурен објект.