Му го чувале работното место 23 години – разрешениот судија Лазар Нанев се врати како инспектор во МВР!

Против Нанев има поднесено и обвинение за случајот за кој е разрешен и судењето е закажано за 23-ти септември кога Нанев ќе се појави како инспектор во полиција во која му го чувале местото 23 години.

Доскорешниот судија и претседател на кавадаречкиот суд Лазар Нанев од пред извесно време е полициски инспектор во полицијата во Кавадарци. Нанев бил вратен во ОВР Кавадарци врз основа на одлука од 2002-ра година потпишана од тогашниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски.

Нанев од декември 1992-ра до 2002-ра работел како инспектор во ОВР Кавадарци и во 2002-ра е избран за судија во Основен суд Кавадарци каде согласно законот бил и вработен. Од Бошкоски, како министер добил одлука дека полициското работно место му се става во мирување.

По разрешувањето од судиската функција поради нестручно и несовесно работење. Судскиот совет му поведе постапка затоа што 97 пати се јавил на обвинет во предмет кој тој го судел. Покрај тоа, во Советот имаше пријави за притисоци од обвинител во Кавадарци.

Против Нанев има поднесено и обвинение за случајот за кој е разрешен и судењето е закажано за 23-ти септември кога Нанев ќе се појави како инспектор во полиција во која му го чувале местото 23 години.

Од МВР го испратија следниот одговор:

Лазар Нанев бил вработен во Министерството за внатрешни работи на 01.12.1992 година на работно место „инспектор за оперативни работи” во Полициска станица Кавадарци при тогашното ОВР Кавадарци, на кое работно место извршувал работи и задачи се до 07.02.2001 година.

Сметано од 08.02.2001 година до 01.08.2002 година извршувал работи и задачи како „самостоен инспектор по производство, промет, корупција, нестопански и други дејности во стопанството” во Отсек за сузбивање на организиран криминал при СВР Велес, на кое работно место последно извршувал работни задачи пред истиот да биде избран за судија на Основниот суд Кавадарци и со тоа да му мирува работниот однос во Министерството за внатрешни работи.

Имено, согласно член 54 од тогаш важечкиот Закон за работни односи, од страна на тогашниот министер за внатрешни работи било донесено решение бр.16.2-38488/1 од 21.08.2002 година со кое на Лазар Нанев му мирувале правата и обврските од работниот однос во МВР, поради тоа што со Одлука за избор на судии на основните судови бр.07-2807/1 од 11.07.2002 година од Собрание на РМ бил избран за судија на Основен суд Кавадарци, сметано од 01.02.2002 година.

Со предметното решение на именуваниот му било утврдено право во рок од 30 дена од денот на престанување на функцијата која ја вршел, да се врати на работа на работно место кое одговара на неговиот степен на стручна подготовка.

Согласно наведеното, а поради престанување на причините за мирување на работниот однос во МВР, односно негово разрешување од вршење на должноста судија на Основен суд Кавадарци со решение бр.10-26/4 од 28.02.2025 година на Судскиот совет на Република Северна Македонија, именуваниот поднел барање за враќање на работа во МВР на соодветно работно место.

Постапувајќи по предметното барање, а согласно член 151 од Законот за работни односи, имајќи го притоа предвид и горенаведеното решение за мирување на правата и обврските од работниот однос, за истиот е донесено решение со кое поради престанок на причините за мирување се враќа на работа во Министерството за внатрешни работи и се распоредува на работно место „инспектор за општ криминалитет” во Надворешна канцеларија за криминалистички работи Кавадарци, Одделение за внатрешни работи Кавадарци при СВР Велес, сметано од 15.07.2025 година, кое работно место одговара на неговиот степен и вид на стручна подготовка.

Извор: Телма